Доколку од утре дојде до зголемување на цените на овие производи, надлежните најавуваат дека жестоко ќе се спротивстават

Повеќе од 70 основни прехранбени производи уште денеска ќе бидат со ограничена бруто-профитна маржа. Од утре повеќе нема да биде во сила мерката на Владата што беше донесена на 20 септември, а со која се предвидуваше производите во т.н. есенска кошничка да бидат со ограничена маржа на 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Доколку од утре дојде до зголемување на цените на овие производи, надлежните најавуваат дека жестоко ќе се спротивстават.
На листата на т.н. есенска кошничка беа 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека доколку дојде до дивеење од страна на трговците ќе ги искористат сите алатки што им стојат на располагање со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
И министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека ако има драстично зголемување на цените ќе бидат донесени поригорозни мерки. Дурмиши смета дека мерката дала резултати затоа што цените на одредени производи се намалиле од пет до десет проценти. Неговите очекувања се дека трговците нема да ги зголемат цените затоа што од крајот на септември во сила е и Законот за нефер трговски практики со кој над 2 500 производи имаат ограничена маржа од 10 проценти.
Во однос на есенската кошница од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пред десетина дена, кога ја објавија синдикалната кошница за октомври, рекоа дека таа го нема дадено посакуваниот резултат.
Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на минималната синдикална кошница за октомври е за 57 денари помалку од таа во септември, односно на едно четиричлено семејство месецов му биле потребни 61 249 денари за покривање на основните месечни потреби.
Најмногу пари се потребни во делот на храна и пијалаци. Во октомври за покривање на овие трошоци биле потребни 22 069 денари, што споредено со претходниот месец има намалување за 965 денари.
Покрај оваа есенска кошничка, кога мерката беше донесена од Владата најавија дека ќе има и новогодишна, божиќна, рамазанска потрошувачка кошница кои ќе бидат со ограничено времетраење.