Новинарката Ивана Апостолу од Атина, во изјава за РТС, вели дека според последните информации во судирот на двата воза животот го загубиле 57 лица, 48 лица се во болница, шестмина од нив се тешко повредени, а 56 патници се исчезнати
Најмалку 57 лица загинаа во најтешката железничка несреќа во Грција, кога брз воз се судри со товарен воз во близина на градот Лариса во текот на ноќта меѓу вторникот и средата. Спасувачката мисија и денеска останува на местото на несреќата, но има сè помалку надеж дека сè уште има преживеани. Голем број патници во возот биле студенти, кои по продолжен викенд се враќале во Солун. Железничарите во Грција и денеска го продолжуваат штрајкот.
Новинарката Ивана Апостолу од Атина, вели дека според последните информации, во судирот на двата воза животот го загубиле 57 лица, 48 лица се во болница, шестмина од нив се тешко повредени, а 56 патници се исчезнати.
„Најлошото е што не се знае колку патници всушност имало во возот. Бројката од 350 е онаа што кружи низ медиумите, но на последната станица во Лариса кога поминувал возот било по 22 часот кога билетарницата била затворена. Така што не се знае колку луѓе влегле и излегле од возот во тоа време и затоа бројот на исчезнати е нешто што се менува секој ден“,
изјави Апсотолу за РТС.
Таа посочува дека најтажно е што животот го загубија толку многу млади луѓе.
„Она што сите го прашуваат е зошто се случи несреќата и зошто ова не можеше да се избегне бидејќи сите овие работи се познати со години и зошто ова мораше да биде момент кога сите ќе се запрашаме што сме можеле да направиме за ова да не се случи“,
посочува Апостолу.
Во Грција вчера беше организиран 24-часовен штрајк на железничарите, а Апостолу вели дека ќе продолжи и денеска.
„Сообраќајот беше парализиран бидејќи сите железнички линии беа запрени, но луѓето не реагираа бурно бидејќи вчерашниот ден на жалост им беше посветен на сите жртви и железничарите сакаа некако да го свртат вниманието на сите проблеми што ги имаат“,
додава таа.
Апостолу посочува дека целта на денешниот штрајк е на едно место да се соберат сите прашања што ги имале железничките здруженија сите овие години и да се испратат до надлежните институции, како и дека ќе побараат да се закаже итен состанок следната недела.
„Потоа, железничарите најавија дека ќе организираат голема конференција за медиумите на која ќе го свртат вниманието на сето она што го кажуваат со години, посочувајќи им што им порачале надлежните институции дека точка по точка ќе го прават наредниот период“,
вели Апостолу.
Уапсен е началникот на станицата во Лариса, а Апостолу наведува дека истрагата сè уште е во тек и дека засега е познато дека тој го упатил возот што се движел на пругата Атина-Солун кон пругата по која веќе се движел воз од Солун.
„Возовите движеа по истата пруга околу дваесетина километри. Бидејќи истрагата сè уште е во тек, се појавуваат нови факти. Вчера беше потенцирано дека иако се мислело дека сигнализацијата не функционира и дека шефот на станицата не можел да знае дека возовите се движат по истите пруги, сепак има контролна табла каде што може да ги види последните пет километри. Тоа е сплет на околности и за да се добие конечната слика треба да се направи темелна истрага“,
изјави Апостолу за РТС.
Сè помалку има надеж дека има преживеани во згмечените вагони
Спасувачките екипи и денеска се на терен иако, како што велат, има сè помалку надеж дека има преживеани во згмечените вагони.
Се трага и по виновниците за најголемата железничка несреќа во Грција, а вчера беше сослушан и шефот на станицата во Лариса, кој беше уапсен веднаш по судирот.
Тој беше изведен пред истражен судија, а неговиот адвокат рече дека ја прифаќа одговорноста, но дека е важно да се види кои се сите виновни за оваа трагедија.
„Важно е да не пропуштиме да ја видиме шумата низ дрвјата, а тука има ‘шума’ на одговорност. Верувам дека правдата добро ќе си ја заврши работата“,
изјави адвокатот на началникот на железничката станица во Лариса.
Назначен е нов министер за транспорт во Грција откако претходниот поднесе оставка по несреќата. Јоргос Герапетрит при преземањето на функцијата рече дека мандатот ќе го започне со задача да ја истражи најтешката железничка несреќа во земјата, да го модернизира железничкиот систем и да ја подобри безбедноста на патувањето со воз.
„Бидејќи се соочуваме со вистинска трагедија, сакам пред сè да им се извинам на семејствата на загинатите и искрено сакам да ги погледнам во очи и да кажам дека оваа тешка и болна работа ќе продолжи сè додека не се заврши. Сè ќе се истражи“,
додаде новиот министер.