По синоќешниот настан кога две лица ја урнале оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ со багер и во дворот на своја рака почнале со градежни работи за изведба на паркинг, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и дека со приведувањето на двете лица државата пратила силна порака дека не може да се гради на своја рака и дека секој кој ќе се обиде да гради без дозвола, ќе сноси одговорност.
„Тоа, би рекол, е обид за узурпација и градба. Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Пријавено е во полиција, излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одеземена градежната машина. Во текот на денешниот ден се процесуира кривичната пријава и ќе оди по брза постапка. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка“,
рече Спасовски.
Според министерот, очигледно е дека со рушење на дел од оградата, лицата сакале да узурпираат градежно земјиште.
„Затоа се покренува кривична постапка за две дела: узурпација и нелегална градба. Полицијата изреагира веднаш и одземена е градежната машина. Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, тоа не може да го прави и ќе сноси одговорност“,
кажа Спасовски.
Синоќа околу 19 часот приведените ја срушиле оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ и со багер врз тревата започнале да нанесуваат тампон-подлога.
Дирекоторот на Здравствениот дом Скопје, д-р Виктор Исјановски, под чија јурисдикција е и поликлиниката, изјави дека настанот се случил околу 19 часот, по што чуварот веднаш го известил одговорното лице и директорите.
„Веднаш штом бев информиран за случајот, пријавив во Министерството за внатрешни работи и лично кај министерот Оливер Спасовски. Веднаш беше интервенирано и според моите информации, уапсени се две лица. Не знам што имале намера да градат, но вакво нешто е незамисливо, некој на диво да влезе во јавна установа и да почне да гради“,
вели Исјановски за СДК.
Од МВР потврдија дека се уапсени две лица Н. К. (44) и Ш. Д. (42) и известија дека за нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци
„Според пријавеното, во 19:45 часот во близина на поликлиниката ‘Бит Пазар’ тие тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир. За случајот е известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
кажаа од МВР.
Инаку, на само километри од поликлиниката никнува уште една дивоградба. „360 Степени“ објави за дивоградба што подолго време се гради на државно земјиште кое е наменето за паркинг. Таму, иако градоначалникот на О. Центар два пати побарал асистенција од МВР за рушење на дивоградбата, таа не само што сè уште стои, туку и го добива финалниот изглед. Според градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, акцијата за рушење била пробиена од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.