Две лица на возраст од 44 и 42 години се уапсени поради сомнение дека сториле кривични дела узурпација и бесправно градење, откако доцна синоќа ја урнале оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ со багер и во дворот на своја рака почнале со градежни работи за изведба на паркинг, објави порталот „СДК.мк“. Откако ја срушиле оградата, со багерот врз тревата започнале да нанесуваат тампон-подлога.
Дирекоторот на Здравствениот дом Скопје, д-р Виктор Исјановски, под чија јурисдикција е и поликлиниката, изјави дека настанот се случил околу 19 часот, по што чуварот веднаш ги известил одговорното лице и директорите.
„Веднаш штом бев информиран за случајот, пријавив во Министерството за внатрешни работи и лично кај министерот Оливер Спасовски. Веднаш беше интервенирано и според моите информации, уапсени се две лица. Не знам што имале намера да градат, но вакво нешто е незамисливо, некој на диво да влезе во јавна установа и да почне да гради“,
вели Исјановски за СДК.
Од МВР потврдија дека се уапсени две лица Н. К. (44) и Ш. Д. (42) и известија дека за нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци
„Според пријавеното, во 19:45 часот во близина на поликлиниката ‘Бит Пазар’ тие тргнале дел од оградата на здравствената установа со намера да го узурпираат просторот и да изградат паркинг, за што немале добиено дозвола од Општина Чаир. За случајот е известен Јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
кажаа од МВР.