Таа вечер ниту е сопрено возилото, ниту имало сопирање од страна на полициски службеници. Ние ги проверуваме сите факти и аргументи, тврди министерот
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ тврдеше дека не е точно дека синот на заменик-министерот во МВР, Назим Буши, управувал со автомобил со „флешери“ и бегал од полицијата.
Исто така, тој тврди и дека не станува збор за возило на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) или на кој било државен орган, туку за автомобил на приватна фирма.
„Возилото се води на правен субјект, не е на физичко лица. Во тој момент, возилото не било управувано од синот на заменик министерот. Овие работи ги тврди Внатрешна контрола, иако ние покренавме постапка во Внатрешна контрола за да видиме дали можеби тоа возило било службено бидејќи такви беа првичните најави. Се утврди дека возилото е ’мерцедес‘, не е ’ауди‘. Дадени се насоки од Внатрешна контрола и продолжуваат со повикување на сопственикот на возилото. Таа вечер ниту е сопрено возилото, ниту имало сопирање од страна на полициски службеници. Ние ги проверуваме сите факти и аргументи“,
изјави Спасовски.
Според него, информацијата за случајот со синот на неговиот заменик не се креирала врз основа на факти, туку на одредени извори во МВР и шпекулации.
Во изјава за медиумите вчера, министерот најави и детали, но досега не се објавени детални информации од МВР.
За случајот пред три дена ТВ Телма објави дека во петокот минатата недела помладиот Буши предизвикал инцидент на периферијата на Скопје каде што бил запрен по бегство од полициска патрола поради нелегално користење на т.н. „флешери“, но полицајците го пуштиле со тврдење дека станува збор за службен автомобил на СОЗР.