Одговорност ќе има за тој што направил прекршок. Тука нема дилема, кој сака нека е. Дали е министер, дали е директор, дали е обичен граѓанин. За секој еден ако направил прекршок, вели министерот за внатрешни работи
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека МВР денеска ќе излезе со, како што вели тој, факти за скандалите во кој се нашол синот на заменик-министерот Назим Буши.
Спасовски рече дека главно тоа што се пласирало во медиумите се шпекулации и дека вистинските моменти ќе ги појасни МВР.
„Одговорност ќе има за тој што направил прекршок. Тука нема дилема, кој сака нека е. Дали е министер, дали е директор, дали е обичен граѓанин. За секој еден ако направил прекршок. Ова е прашање кое не се заснова на ниту еден факт и мислам дека е најдобро да ги чуете, да ги дочекаме сите аргументите и фактите што се однесуваат на целиот овој процес и тие аргументи и факти да ги пласираме во јавноста. Ние во текот на денот ќе излеземе со конкретна информација за овој случај и ќе ги знаеме сите податоци и факти. Тие факти и податоци не соодветствуваат со вашите факти и шпекулации. Многу работи што ги кажавте се шпекулации“,
нагласи Спасовски одговарајќи на прашањето дали синот на Буши е опфатен со истрагата за кражбата на маслото од канабис, со оглед на тоа што неговиот автомобил бил фотографиран дента кога се случила кражбата во „5 летерс“.
Вчера ТВ Телма објави дека пролетта кога беше ограбена фабриката за марихуана во стечај, „5 летерс“ во Крушево е објавена фотографија од автомобилот на синот на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
Со истиот автомобил со вклучени нелегално поставени „флешери“, помладиот Буши во петокот бегал од полициски патроли, а откако бил сопрен полицајците што го проверувале излажале дека автомобилот е владин и во државна сопственост по што возачот е пуштен на Качанички пат.
Фотографијата пак на „аудито А6“ паркирано пред фирмата „5 летерс“ во април е дополнета со коментар дека е направена истиот ден кога од фирмата која беше во стечај се украдени 108 шишиња со масло од канабис вредни над два милиони евра.