Денеска на прес-конференција и бугарското обвинителство ги отфрла верзиите за туби со гориво или за терористички чин врз автобусот на „Беса транс“ како причина за несреќата

Шпекулациите во јавноста за туби со бензин, пиротехника и така натаму само штетат на истрагата, не помагаат. Според моите сознанија, коишто ги имам, воопшто не станува збор за туби со бензин коишто можат да бидат причина за несреќата, истакнува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за бугарската БТВ.
Тој додаде дека длабоко верува во истражните органи на Бугарија.
„Оставаме истрагата да ги утврди сите факти и секако најрелевантните податоци треба да дојдат од државните органи на Бугарија. Ние треба да ја утврдиме причината за сообраќајната незгода, дали е тоа од човечки фактор или е некаков технички пропуст на возилото“, наведе Спасовски.
Министерот посочи дека Царинската управа вчера презема активности во однос на расчистување на постапките, при што двајца цариници се суспендирани и спроведена е дисциплинска одговорност за раководителот.
„Потребна е детална истрага и кривична одговорност за секој еден кој учествувал во вакви дејствија“, додава Спасовски.
Денеска на прес-конференција и бугарското обвинителство ги отфрла верзиите за туби со гориво или за терористички чин врз автобусот на „Беса транс“ како причина за несреќата. Заменикот на главниот обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, рече дека засега е најблиска верзијата за човечка грешка, за што посебно се испитуваат условите на делницата каде што се случи сообраќајката, како сообраќајната сигнализација, ознаките и осветлувањето на патот.