Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, во интервју за државната новинска агенција МИА, вели дека на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји разговарале за носење на законот за јавно обвинителство и оти му било кажано дека тоа не е услов за датум за преговори, но би било добра порака. Сепак, Спасовски смета дека има шанса да се донесе законот.

„Точно е дека ние разговаравме со еврокомесарот во однос на донесувањето на ова законско решение и тој истакна дека тоа не е услов Република Северна Македонија да добие датум за преговори. Меѓутоа би била многу добра препорака пред Европскиот совет дека навистина имаме сериозен напредок и од тој аспект одговорноста на политичките субјекти е на едно повисоко ниво во однос на усвојувањето на законското решение коешто би го задоволило концептот на тоа законско решение. Јас сметам дека ниту еден во државата не смее да ги стави своите лични или политички интереси над интересите на државата и на граѓаните. И сметам дека не постои одлука што треба да се донесе на политичко ниво, а да не може да биде донесена поради тоа што можеби ќе наруши некакви лични или политички очекувања на поединци, на одредени групи. И затоа сметам дека имаме шанса за дијалог, имаме шанса да успееме да направиме сериозен напредок во донесувањето на законските решенија“,
вели Спасовски.
Носењето на законот пред да се распушти парламентот е важно бидејќи во февруари од Европската комисија ќе има мини-извештај за земјава. Тој извештај, како што рече еврокомесарот Вархеји, сè уште не е почнат да се пишува, но потсети дека за него е многу важен законот за јавно обвинителство.
Европската комисија, посочи тој при посетата на земјава, ќе остане на оценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори, но земјава ќе испрати добра порака ако го донесе Законот за јавно обвинителство.

„Потребно е Владата и сите други институции да ги имплементираат реформите и да продолжат со досегашната работа, а секако приоритет треба да се даде на новиот закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе биде направено од страна на сегашниот парламент, тоа ќе биде добра порака за нашите земји членки. По изборите, се надевам ќе имаме сигурен партнер во Владата и веќе ја изразив мојата подготвеност да работиме со кој и да ја води таа влада“,
рече еврокомесарот.
Инаку, покрај законот за јавно обвинителство, Вархеји рече дека клучно е и почитување и спроведување на Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
*Поврзани вести:
Обвинителите од СЈО ќе бидат горка тема во разговорите за законот за ЈО
Џафери до партиите: Доближете ги ставовите за законот за ЈО, Вархеји и Тимоние беа повеќе од јасни
Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)