Сите граѓани и сите чинители во општеството мора да ги почитуваат мерките на Владата, а тие се јасни и недвосмислени. Забрането е движење на сите граѓани во назначените часови во работните денови, а таа забрана е целосна за периодот од петок 16 часот до вторник 05 часот, порача премиерот Оливер Спасовски преку објава на својот профил на Фејсбук.
„Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велиденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин. Тие важат за секого“,
вели Спасовски.
Тој потсети дека е активна и забраната за групирање на граѓаните во групи поголеми од две лица, на јавни простори.
„Ова се активните ограничувања, одлуки и мерки и тие остануваат на сила и за време на велигденските празници“,
пишува Спасовски.
Тој посочува дека, навистина, денес поминуваме низ тешки искушенија и во однос на личните вредности и потреби и оти прв пат православните верници, наместо во храмовите, ќе треба да ги поминат Велигденските празници во своите домови.
„Четерисетдневниот велигденски пост ќе го завршиме со личен подвиг во кругот на нашето семејство и во нашите домови. Велигденските пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома. Преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме живот. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас – никој од нас нема право да загрози туѓ живот – а живот нема да загрозиме ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме вирусот кој му се закани на целото човештво. Народот и државата можат заедно да го спречат ширењето на вирусот“,
напиша Спасовски.