Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не му даде збор на заменикот Назим Буши на новинарско прашање да ја прокоментира групната фотографија на функционерите на ДУИ во Министерството за политички систем.
„Јас ќе одговорам затоа што он е казнет. Не може да одговори. Сега он носи маска. е може да одговори и затоа што е казнет сега носи маска. Ако не беше казнет, можеби сега немаше да ја носи маската и казнети се сите до еден што седеа на таа маса. Дали се претседатели на партии, пратеници или министри. Кога зборуваме за изрекување казни на државни функционери, барем мене или на ова раководство на МВР, не можете да замерите. Од премиерот, заменик-премиерот, министрите, сите до еден досега имаат казни поради тоа што направиле одредени превиди кои треба да ги санкционираме“,
рече Спасовски.
Тој додаде дека кривичните пријави се доставуваат до Јавното обвинителство, а подоцна Обвинителството ќе се произнесе дали станува збор за кривично дело или не, а МВР ги гони сторителите прекршочно.
Денеска, како што јави Телма, Државниот инспекторат за труд го завршил надзорот во Министерството за политички систем и утврдил дека министерот Груби го прекршил Законот за заштита на населението од заразни болести затоа што како одговорно лице ја дозволил прославата без маски. Инспекторите веќе му го врачиле прекршочниот платен налог од 500 евра, а за институцијата согласно законот за прекршоци нема глоба.
Петнаесетина државни функционери од ДУИ, во објектот на Министерството за политички систем, го чествуваа 4 јануари, роденденот на партискиот лидер Али Ахмети. Фотографијата прв ја сподели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој по жестоките реакции во јавноста и ја избриша.
Министерството за внатрешни работи им испрати казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ.