„360 степени“ кон крајот на минатата година објави дека инспектори на МВР во август 2021 година констатирале низа недостатоци при инспекција кај фирмата за технички преглед на возила „Виа комерц“ и набрзо предложиле привремено да ѝ биде забрането да работи. Министерот Спасовски потпишал такво решение, но дури три месеци подоцна, и тоа веднаш откако во Бугарија изгоре автобусот на „Беса транс“, несреќа во која загинаа 45 лица. Автобусот на „Беса транс“ го поминал последниот технички преглед токму во „Виа комерц“, и тоа во периодот кога станицата требала да биде затворена ако решението било потпишано
Спасовски на денешната прес-конференција не одговори зошто чекал три и пол месеци да го потпише решението за затворање на станицата. Не кажа и дали чувствува одговорност за несреќата во која учествуваше автобусот на „Беса транс“
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одби да одговори зошто три и пол месеци го чувал во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, а го потпишал три дена по трагедијата на автобусот „Беса Транс“ кој изгоре на автопатот во Бугарија.
На новинарско прашање зошто решението го потпишал веднаш по несреќата, а не три и пол месеци претходно, кога биле констатирани неправилностите во работата на станицата, во која последен преглед поминал и автобусот на „Беса Транс“, Спасовски само кусо рече дека истрагата на Обвинителството ќе ги даде одговорите.

„Затоа отвори истрага Обвинителството и ќе ги даде резултатите. Мојот одговор е дека моментално има истрага што се води и ќе ги даде резултатите“,
рече Спасовски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) пред четири дена за „360 степени“ потврди дека го испитува случајот.
Истражители од Обвинителството минатата недела го посетиле МВР и од два сектора ја подигнале документацијата поврзана со случајот, постапувајќи по кривична пријава од анонимни поднесувачи (група граѓани).
Спасовски ги потврди проверките на Обвинителството во МВР.
На прашањето дали чувствува одговорност затоа што дозволил станицата во која последен преглед поминал и автобусот на „Беса транс“ со месеци слободно да работи и покрај констатираните неправилности, Спасовски повтори дека одговори ќе даде истрагата.
„Тоа ќе го покажат институциите кои водат истраги за таа работа“,
Спасовски.
Ова е прв јавен коментар на Спасовски за времето и околностите во кои било издадено решението за забрана за работа на „Виа комерц“, откако „360 степени“ кон крајот на декември 2021 година го стави документот на увид на јавноста. На него е потпишан министерот Спасовски и тоа на 26 ноември 2021 г. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од документот се гледа и дека неправилности во работата на станицата за технички преглед во село Глумово, Општина Сарај, биле откриени уште на 12 август 2021 г., но од засега необјаснети причини министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од соодветните служби во Бирото за јавна безбедност.
Од решението може да се види дека при надзорот на работата на станицата од надлежни служби од МВР било утврдено дека не се водат потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, но и дека во контролата учествуваат нестручни лица.
Затоа, инспекторите од Бирото за јавна безбедност на 25 август изготвиле предлог за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед – сè додека не ги отстрани недостатоците. Но, Спасовски тогаш не го потпишал предлогот за забрана за работа, па станицата за технички преглед продолжила со работа. На 5 октомври во станицата поминал технички преглед и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија на 23 ноември 2021 г.
Веднаш по несреќата, на 26 ноември, Спасовски става потпис на решение за забрана за работа на станицата давајќи ѝ рок од 30 дена за отстранување на пропустите. Интересен факт е дека истиот ден кога го потпишува решението, Спасовски држи прес-конференција на која воопшто не ја информира јавноста за тоа.
Со решението за привремена забрана за работа од 26 ноември, на „Виа комерц“ ѝ беше даден рок од 30 дена да ги отстрани констатираните пропусти или во спротивно ќе ѝ биде одземено овластувањето за вршење технички преглед.
Во МВР претходно прашавме и до каде е евентуалното отстранување на пропустите, дали станицата на „Виа комерц“ почна со работа или, пак, е можно да ѝ го одземат овластувањето за технички преглед, но не добивме одговор.
Во телефонски повик до „Виа комерц“, пак, во кој се претставивме како заинтересирани потрошувачи, минатата недела ни кажаа дека техничкиот преглед сега работи, но со друго име.