На настанот во Брисел, организиран од еврокомесарот Вархеји, се разговарало и за новата методологија за проширување
Премиерот Оливер Спасовски учествуваше на ручекот во Брисел, кој за лидерите на Западен Балкан го приреди еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.
„На средбата на која присуствуваа и претседателите на владите на Албанија и на Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ, стана збор за значењето на прифаќањето за учество на донаторската конференција ’Заедно за Албанија’ за реконструкција и санација на последиците од земјотресот во Албанија на 26 ноември минатата година и за солидарноста што ја споделуваат и земјите од Западен Балкан како една од темелните вредности на ЕУ“,
соопштија од Владата.
Лидерите на Западен Балкан и еврокомесарот Вархеји разговарале и за регионалната соработка како значаен придонес на секоја од земјите од регионот во зајакнувањето на капацитетите за меѓусебна поддршка во остварувањето на стандардите за забрзување на процесите за интеграција на секоја од земјите од регионот во ЕУ.
Во таа насока, на средбата било истакнато дека Европската комисија дава целосна поддршка за иницијативата за зајакнување на регионалната соработка, позната како „мини-шенген“ и било нагласено дека таа треба да биде максимално инклузивна и да се одвива по европски стандарди.
„На работниот ручек стана збор и за новата методологија за проширување, за која беше речено дека му дава нов квалитет на процесот и дополнителна мотивација за земјите со аспирација да го забрзаат остварувањето на членството во ЕУ“,
се наведува во соопштението од Владата.