Двајцата министри се согласни дека в сабота, на одбележувањето 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ќе бидат преземени сите мерки за настанот да помине без инциденти. На состанокот Демерџиев го уверувал Спасовски дека од луѓето што ќе дојдат на чествувањето не очекува некакви провокации и дека нема дојде до несакани настани
„Спасовски ме увери дека случајот со Пендиков ќе биде истражен целосно и објективно. Целта не е да се преземат мерки само во тој случај, туку да има превенција и такви случаи да не се дозволуваат во иднина, не треба такви инциденти да ги нарушуваат односите. Добив уверување оти лица што се служат со такви закани дека ќе бидат исправени пред органите на правдата“, рече Демерџиев
На одбележувањето на 4 февруари – 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, в сабота, ќе бидат преземени сите неопходни мерки и активности за да нема никаков инцидент. Ова денеска го најавија министрите за внатрешни работи на двете држави, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев, по нивната средба во Скопје.
„На оваа средба разговаравме во однос на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев кој ќе биде за неколку дена. Ова е во услови на малку зголемени тензии, различни најави за нарушување на јавниот ред и мир. Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент, македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“,
изјави министерот Спасовски.
И Демерџиев рече дека разговарале како да се обезбеди мирно и спокојно да се одржи чествувањето на Гоце Делчев.
„Ги добив сите информации од колегата Спасовски дека апсолутно сè ќе биде преземено, дека ќе бидат преземени сите мерки за безбедно поминување на настанот. Јас од своја страна го уверив дека од луѓето што ќе дојдат на тоа чествување во никаков случај нема да дозволам да бидат предизвикани некакви провокации и да дојде до несакани настани“,
рече Демерџиев.
Демерџиев рече дека не треба да се дозволи некои луѓе да палат оган таму каде што нема.
„Се согласивме дека ние сме должни да овозможиме настанот да помине така што нема да се дозволи некои луѓе да палат оган таму каде што нема. Целта е да се оддаде почит на една историска личност како Гоце Делчев, а не тоа да биде терен за разни радикални, псведонационални појави“,
нагласи тој.
На средбата Спасовски го информирал својот бугарски колега и за случајот за нападот на Христијан Пендиков за кој исто така разговарале.
„МВР веднаш ги презеде сите неопходни мерки, како и другите органи во делот на истрагата. Имаме едно лице за кое е определена мерка притвор и се постапува и понатаму во ширењето на истрагата во однос на овој случај. МВР за сите случаи постапува подеднакво за да виновниците бидат изведени пред лицето на правдата и да бидат санкционирани. Нашата крајна цел е да се обезбеди безбедност за сите граѓани и за сите лице кои престојуваат во нашата држава“,
додаде Спасовски.
Бугарскиот министер рече дека во една земја како Република Северна Македонија, која сака да има владеење на правото, не треба да се допуштаат такви инциденти.
„Спасовски ме увери дека тој случај ќе биде истражен целосно и објективно. Целта не е да се преземат мерки само во тој случај, туку да има превенција и такви случаи да не се дозволуваат во иднина затоа што такви инциденти ги расипуваат односите меѓу двете држави кои традиционално се многу добри, не треба такви инциденти да ги нарушуваат односите“,
нагласи Демерџиев.
Тој рече дека на Спасовски му предал документи и изјави од закани што Пендиков ги добивал во болница.
„Добив уверување оти лица кои се служат со такви закани дека ќе бидат исправени пред органите на правдата. Уверен сум дека иднината на двете држави е поврзана со Европа, Бугарија е член на ЕУ, Северна Македонија е кандидат и оди самоуверено по тој пат. Многу е важно дека јазикот на омразата не е патот кон Европа. Државите во Европа споделуваат вредности и мислам дека двете држави ги споделуваме европските вредностите. Тие вредности се нашиот пат и ние сме должни да обезбедиме стабилност и сигурност не само во регионот во кој се наоѓаат двете држави, туку должни сме и можеме да дадеме стабилност за цела Европа стабилизирајќи ги прашањата во нашиот регион“,
потенцираше Демерџиев.
Македонскиот министер рече дека на средбата била потенцирана одличната соработка меѓу полициите на двете држави, што е еднакво важно како за министерствата така и за граѓаните и за целиот регион.
„Ја потврдивме посветеноста на унапредувањето и продлабочувањето на билатералната и оперативната соработка во насока на нивно зајакнување како еден од главните приоритети посебно во борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе, недозволената трговија со дрога, шверцувањето мигранти и справување се илегалната миграција. Добрата соработка меѓу двете министерства беше презентирана и преку заедничките вежби на специјалните единици на двете полиции кои беа организирани со Софија и Охрид. Особено се важни ваквите директни контакти со цел да си помогнеме едни на други и во насока на решавање на било какви безбедносни предизвици“,
рече Спасовски додавајќи дека партнерството и пријателството меѓу двете земји, двата народа ќе продолжи и заеднички ќе се придонесе за стабилност на двете земји и за регионот.