Тој објасни дека, иако за овие функционери нема да има карантин, ќе има протоколи како треба да постапуваат, како на пример, за тоа каква заштитна опрема треба да носат
Техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека нема дискриминација кон обичните граѓани со одредбата функционери да може да патуваат и притоа да не одат во карантин.
Притоа, на новинарите кои му ги поставија овие прашања им рече дека сакаат да ја дезинформираат јавноста.
„Прво, нема никаква одлука наши државјани да не може да ја напуштат земјата и мислам дека со ваков пристап само сакате да ја дезинформирате јавноста и да правите тема од нешто што нема. Второ, одредбата да се изготват протоколи за функционери да може да патуваат е за одредени настани во регионот поврзани со коронавирусот“,
рече Спасовски.
Тој објасни дека иако за овие функционери нема да има карантин, ќе има протоколи како треба да постапуваат, како на пример, за тоа каква заштитна опрема треба да носат.
Во однос на одлуката за олабавување на мерките, премиерот рече дека е донесена врз основа на анализа на Комисијата за заразни болести, а осцилациите во бројки посочи дека се нормални за крајот на епидемијата.
„Ние влегуваме во 11-12 недела од епидемијата, но многу е важно и понатаму да се почитуваат мерките како носење заштитна опрема, држење растојание и дезинфекција на раце“,
потенцира Спасовски.