Носителот на кандидатската листа во втората изборна единица на коалицијата „Можеме” предводена од СДСМ, Оливер Спасовски, вечерва во видео-интервју на Фејсбук ги повика граѓаните да пријавуваат во полиција доколку забележат јавни собири и непочитување на препораките против коронавирусот.
Посочувајќи го собирот на Водно, Спасовски вели дека биле дадени насоки до припадниците на МВР да вршат патроли, но потенцира дека тие не можат да постигнат и да ги контролираат сите локации, па ги повика граѓаните да пријават штом забележат дека некој не се придржува до препораките.
„На почетокот мислевме дека е исправно ако рестораните и кафетериите не работат после 18 часот, но мораме да признаеме дека јавната свест ни е на ниско ниво за оваа ситуација и затоа мерките ги зајакнавме со цел да влијаеме на граѓаните да го сменат своето однесување, но сепак се случува тоа што се случува и повторно граѓани се собираат во групи, како што беше случајот на Водно. Сега се собираат во паркови и во згради. Ги задолживме припадниците на МВР да патролираат и да делуваат, но има простори каде што не можеме да постигнеме и затоа ги повикувам граѓаните да пријавуваат јавни собири затоа што залудно е се ако не сме одговорни“, изјави Спасовски.
Коментирајќи ги барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која нуди свои предлози и мерки за справување со коронавирусот Спасовски порача дека не е време за правење политички профит.
„Знам дека некои членови на опозицијата се чесни луѓе, домаќини луѓе и ги почитуваат мерките и им благодарам, но некои други излегуваат со некои ставови и нудат некакви тимови за помош, а какви се тие партиски тимови? Апелирам политичките субјекти да се вразумат и силно да ги поддржат институциите“,
изјави Спасовски.
Посочи дека денеска повторно телефонски разговарал со сите партиски лидери кои потврдиле дека политички активности ги ставаат во мораториум до 22 март и апелираше тоа да го почитуваат.
Спасовки ги повика и граѓаните да се однесуваат одговорно, а оние кои влегуваат во земјава задолжително да поминат две недели во самоизолација, бидејќи вели секое непочитување строго ќе се казнува.