Според првичните информации на Јапонската метеоролошка агенција, земјотресот што го погоди североисточниот дел на Јапонија бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од околу 50 километри. Локалните медиуми јавуваат дека најмалку четири лица се полесно повредени
По разорните земјотреси во Венецуела, силен земјотрес денеска околу 7:30 часот по локално време го погоди и североисточниот дел на Јапонија.

Според првичните информации на Јапонската метеоролошка агенција, земјотресот бил со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од околу 50 километри. Епицентарот на потресот е регистриран во близина на источниот брег на префектурата Ивате, а се почувствувал и во Токио.
Земјотресот се случил во област каде што во последните месеци постојано се пријавуваат силни земјотреси. Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека не постои опасност од цунами.
Засега нема извештаи за евентуални жртви, или причинета материјална штета, а како што пренесуваат локалните медиуми, најмалку четири лица се полесно повредени.
Владата на Јапонија формира кризен штаб и ја повика јавноста да биде во готовност за можни последователни потреси. Премиерката Санае Такаичи порача дека тимот за итни случаи на нејзината влада ќе ги стави животите на луѓето на прво место и дека се подтотвува за спасувачки операции доколку е тоа потребно.
