Прогласување кризна состојба на цела територија и затворање на сите граници, побара денеска на прес-конференција опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително ја повика Владата да ги замрзне цените за основните производи со цел да нема злоупотреби, но и да обезбеди финансиска помош за штетите во економијата.
„Досега забраната важи само за одредени гранични премини што не ја решава заканата. Мора да се затворат границите со цел да се стави под контрола на состојбите. Бараме и да се спроведе и „специјален режим за работа„ на продавници и пазари односно да се воведе шалтерски систем на продажба или да се ограничи влегувањето на клиентите во продавниците“,
изјави Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата побара и замрзнување на обврските на компаниите кон државата и кон банките за месец март, како и субвенции од 50 отсто за трошоците за вработените во компаниите, кои поради мерките за превенција од коронавирусот трпат загуби.
Николов дополнително ја повика Владата да обезбеди бесплатни маски и средства за дезинфекција за сите граѓани.
„ Тоа им го должиме на граѓаните, бидејќи можеа да се набават лубриканти, а не можат да обезбедат бесплатни маски“, изјави Николов.
Николоски: Изборите не ни се приоритет
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски порача дека е изненаден бидејќи се уште партиските лидери не биле свикани на утрешниот состанок на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.
На прашањето како го коментира апелот на ДИК да се преиспита планот за одржување на парламентарните избори на 12 април, Николоски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен дека изборите не им се приоритет.
„Мицкоски уште вчера беше многу јасен, за нас изборите не се ни прв, ни втор, ни трет, ни четврти приоритет, за нас во моментов единствен приоритет е здравјето на граѓаните и второ надминување на потенцијалната економска криза којашто и следи на Македонија како резултат на ова што се случува. Не размислуваме на ништо друго, на ова сме фокусирани, за разлика од други политички партии коишто имаат теренски активности“,
изјави Николовски.
Опозицијата побара државата да направи план „Б“ за справување коронавирусот доколку состојбата ексалира, но и да почне да бара меѓународна помош по примерот на Италија.