Тој додаде дека претседателката на Европската комисија укажала на инспиративната работа на Владата во однос на реформите и евроинтегративниот процес

Сè уште нема одговор на барањето за средба со бугарската страна што македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија го испрати по совет од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека штом ќе пристигне одговор, власта ќе може подетално да коментира.
За време на посетата на општина Теарце, каде што присуствуваше на пуштањето во употреба на нова детска градинка, Мицкоски ги демантира тврдењата на опозицијата и на дел од медиумите дека изразил незадоволство од пораките на Фон дер Лајен или од застојот на европскиот пат.
„Видете, јас тоа го слушнав од опозицијата и од одредени медиуми блиски до неа. Мислам дека не само што не ја говорат вистината, туку и се обидуваат да ја искриват. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен и пријателски состанок и дека сето она што во иднина претставува лична посветеност и посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите, и така и ќе продолжиме во периодот што следува“,
истакна премиерот.
Тој додаде дека претседателката на Европската комисија укажала на инспиративната работа на Владата во однос на реформите и евроинтегративниот процес.
„Претседателката Фон дер Лајен, како никогаш досега, рече дека оваа влада прави инспиративна работа за реформите и за сето она што е посветено на приклучување на државата кон Европската Унија. Очекувам дека во периодот што следува, конечно, ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме“,
нагласи Мицкоски.
Мицкоски во саботата, ден по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарски прашања рече дека не е задоволен од пораките упатени од неа, но сепак средбата ја оцени како исклучително пријателска, корисна, содржајна и за која вели дека можеби во иднина ќе биде клучна за некои процеси.
И тогаш беше прашан што очекува од средбата со бугарската страна, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.
Бугарската претседателка Илијана Јотова во саботата рекла дека Бугарија е секогаш отворена за разговори, но тие да бидат без ултиматуми и без отстапки од европската политика.
„За овој разговор да биде сериозен, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во врска со проширувањето на Република Северна Македонија и да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави“,
рекла Јотова.
