Членовите на Советот за граѓански надзор на Оперативно-техничката агенција (задолжена за следење на комуникациите) денеска беа на средба со претседателот Стево Пендаровски на која, како што соопштија од кабинетот на претседателот на државата, изразиле загриженост поради нефункционалноста на ова тело, која според нив произлегува од несоодветното спроведување на Законот за следење на комуникациите, кој е донесен со консензус меѓу политичките партии.
Нивните забелешки биле дека пратениците во Собранието обезбедуваат само декларативно функционирање на ова тело, но не и практично. Тие бараат да се проверуваат сомнежите на граѓаните, да советуваат и да алармираат.

Пендаровски, како што стои во соопштението, посочил дека безбедносниот сектор е еден од основните предуслови за политичка и економска стабилност на секоја правна држава и сите надлежни институции треба да бидат максимално посветени во реформските процеси, вклучувајќи го и овозможувањето на целосна функционалност на Советот за граѓански надзор, како еден од механизмите во обезбедувањето на општите, но и индивидуалните сигурност, приватност, права и слободи на секој граѓанин.
На средбата кај Пендаровски присуствувале претседателката на Советот, Маргарита Цаца-Николовска и членовите Ице Илијевски, Гордан Калајџиев, Дијана Тоска, Арјета Цека Жаку и Марија Златанова-Коцева.
*Поврзана вест
(ВИДЕО) Прислушувањето и понатаму се одвива без соодветна контрола