Прекинот на огнот меѓу вооружената група „Исламски џихад“ и Израел, кој беше постигнат со посредство на Египет во неделата, стави крај на интензивните судири во кои, според Министерството за здравство на Газа, загинаа 44 лица, меѓу кои 15 деца, а 360 беа ранети
Советот за безбедност на ОН денеска одржа итен состанок за да разговара за ситуацијата во Газа, при што неколку членки изразија загриженост за ситуацијата и покрај прекинот на огнот меѓу членовите на вооружената група „Исламски џихад“ и Израел по тридневните судири, пренесе Хина повикувајќи се на АФП.
Говорејќи преку видеоврска на почетокот на состанокот, претставникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, предупреди дека продолжувањето на непријателствата ќе има погубни последици.
„Примирјето е кревко“, предупреди Венесланд.
Рускиот амбасадор Василиј Небензја истакна дека Советот е длабоко загрижен поради ваквиот развој на настаните, кој може да доведе до обновување на целосен воен конфликт и дополнително влошување на и онака тешката хуманитарна ситуација во Газа.
Израел започна силно бомбардирање на позициите на „Исламскиот џихад“ во Газа во петокот, а палестинската вооружена група одговори со истрелување повеќе од илјада ракети во знак на одмазда, според израелската војска.
Тоа беше најтешкиот конфликт во Газа од 11-дневната војна минатата година.
Прекинот на огнот, кој беше постигнат со посредство на Египет во неделата, стави крај на интензивните судири во кои, според Министерството за здравство на Газа, загинаа 44 лица, меѓу кои 15 деца, а 360 беа ранети.
Двете страни го задржаа правото да одговорат доколку има прекршување на примирјето.
Венесланд рече дека проценката на ОН за насилството е во тек и истакна дека околу 20 отсто од околу 1 100 ракети истрелани од палестинските вооружени групи паднале во Појасот Газа.
Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, пред состанокот го повика Советот целосната одговорност за судирот да му ја префрли на „Исламски џихад“, обвинувајќи ја вооружената група поддржана од Иран дека ги користи жителите на Газа како човечки штит.
Амбасадорката на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд, го поддржа „правото на Израел да го брани својот народ од терористички закани“, додека пак палестинскиот амбасадор Ријад Мансур ја осуди „неоправданата агресија“ на Израел.
„Уште колку деца треба да закопаме пред некој да каже доста е“,
праша Мансур.
Лидерот на „Исламски џихад“, Зијад Нахалах, еден ден по стапувањето во сила на примирјето, се закани дека ќе ги обнови нападите врз Израел доколку двајца членови на палестинската организација не бидат ослободени од затвор во Израел, пренесе Бета.
Нахалах рече дека прекинот на огнот е воспоставен под услов Израел да ги ослободи Басам ал Саади, водачот на групата на Западниот Брег, и Калил ал Авауадех, кој моментално штрајкува со глад во знак на протест поради неговото притворање без обвинение.
„Од самиот почеток инсистиравме двајцата лидери да бидат ослободени. Непријателот се обиде да го одбие тоа барање, но конечно се согласи, со директни египетски гаранции дека нашиот брат Авауадх ќе биде пуштен од болница и потоа ќе си оди дома. За Саади добивме директно писмено ветување дека Египет ќе се заложи да биде ослободен што е можно поскоро“,
рече Нахала.
Израелските власти негираа дека е постигнат таков договор и изјавија дека немаат намера да ослободат ниту еден од двајцата затвореници.