Претседателката на Советот на јавни обвинители додаде дека во врска со иницијативата, Советот ќе постапува согласно законот, со почитување на сите рокови
До Советот на јавни обвинители досега не е доставен предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски – изјави претседателката на Советот, Душица Димитриеска, по вчерашната одлука со која Владата го задолжи Министерството за правда да поведе постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител.
„Досега до Советот нема доставено никаков предлог, кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме“,
изјави Димитриеска.
Додаде дека во врска со иницијативата Советот ќе постапува согласно законот, со почитување на сите рокови.
Според домашното законодавство, одговорност на јавен обвинител или член на Советот на јавни обвинители утврдува Советот на јавни обвинители, во пропишана постапка. Сепак, ниту во Законот за јавното обвинителство ниту во Законот за Советот на јавни обвинители не е опишана посебна постапка – како се утврдува дисциплинска одговорност или „тешка дисциплинска повреда“ на државниот јавен обвинител.