Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, да си даде оставка бидејќи, како што тврдат, покрај морална, има и кривична одговорност затоа што бил во Маврово изминатиот викенд кога главниот град беше во карантин.
„Градоначалникот Петре Шилегов како одговорен на градскиот кризен штаб и како прв човек во градот треба да ја споделува маката на граѓаните кои во Скопје останаа три дена затворени. Тој она што го направи е избега од Скопје во Маврово и не беше под карантин. Освен градот што остана без градоначалник, кој со оглед на неговата неработа и не е некоја загуба, остана и без првиот човек на кризниот штаб што пак повлекува и кривична одговорност. Шилегов поради морална и кривична одговорност треба да си даде оставка“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов, пак, рече дека опозицијата нема аргументи да се спротивстави на доброто водење на Градот, па извртува тези и покрај тоа што не знае кога заминал во Маврово и кога се вратил.
„Очајот или немањето на аргументи да се спротивстават на новите политики кои ги креира Градот и на сериозната имплементација и подобрување на работењето на Градот опозицијата ја заменува со искривување на тезите за тоа каде бил и што бил градоначалникот. Јас ќе одговорам на тие лажни прозивки на опозицијата со уште поголем ангажман“,
рече Шилегов.