Многумина од граѓаните кои живеат во Скопје решија да го избегнат карантинскиот викенд во главниот град, па бројни возила во четвртокот се упатија кон туристичките и викенд-населбите.
Снимките од безбедносните камери на патарини покажаа дека голем број на возила се излегоа од Скопје, а тоа предизвика револт кај останатиот дел од граѓаните, па реакциите беа доста присутни на социјалните мрежи.
Овој викенд ограничено движење од 80 часа се воведе со цел спречување на ширењето на коронавирусот, со оглед на зголемениот број на нови случаи. Но, не важи за целата држава туку за граѓаните на Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, потоа Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Интересно е дека и дел од политичарите го искористиле овој момент да излезат надвор од Скопје и овој викенд да го поминат или во родните градови или во природа.
„Ви посакувам убав викенд и ве поздравувам од преубавото Беровско езеро“,
напиша Инстаграм генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој пред неколку дена на својот профил апелираше граѓаните да ја сфатат сериозноста на ковид-19 и да останат дома.
Николовски попладнево за ТВ 24 одговори дека не прекршил ниту еден карантин, а бидејќи мерките биле помалку рестриктивни, се прошетал до беровско.
„Ви го пишувам ова од мојот роден град, Крива Паланка. Не сум прекршил никаков карантин, ниту некогаш ќе го игнорирам поставениот ред“,
рече Николовски.
Покрај генералниот секретар, надвор од Скопје се и функционери кои по потекло не се од Скопје или имаат имоти во туристичките места. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за ТВ 24 потврди дека е на својот имот во Маврово, кој го смета за свој дом.
Потпретседателот пак на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, потврди дека е во својот роден град Охрид, напоменувајќи дека нивата партија била против воведувањето на овој карантин.