Иницијативата на СДСМ доби само 15 гласа „за“. Советникот Ангеловски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека отстапување на Универзална сала на Владата ќе значи прифаќање пораз, но и на неспособноста на советниците, на градоначалничката и на службите на Градот Скопје
За Левица, пак, иницијативата за отстапување на Универзалната сала на Владата не е спорна, туку е спорна самата Влада. Советниците од оваа партија порачаа дека на една година пред парламентарни избори нема да дозволат овој објект да им биде отстапен на, како што велат, делегитимираната Влада и на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ја нарекоа „министерка за радост“
Иако согласни дека се работи за проект од интерес на сите скопјани, советниците од Градот Скопје не ја поддржаа иницијативата на советничката група на СДСМ со која се предлага Градот времено да ѝ ја отстапи Универзалната сала на Владата, односно на ресорното Министерство за култура, за да може да се продолжи со реконструкција на објектот.
„За“ иницијативата гласаа 15 советника, шест гласаа „против“, а двајца беа „воздржани“, по што претседателот на Советот, Трајко Славески, констатира дека таа е неусвоена.
Советничката група на СДСМ, која е и подносител на оваа иницијатива, не гледа ништо спорно во тоа Универзалната сала времено да му биде отстапена на Министерството за култура за да се заврши реконструкцијата, а потоа да му се врати на Градот Скопје.
„Во оваа иницијатива нема ништо спорно затоа што за реконструкцијата се обезбедени пари од Буџетот, а Буџетот е на сите нас, а сопственици на Универзалната сала сме само ние граѓаните на Градот Скопје. Граѓаните не ги интересира кој, како, зошто, туку кога ќе се реконструира оваа сала“,
рече советничката од СДСМ, Рената Јајоска, во своето обраќање.
Додека советниците од СДСМ не гледаат ништо спорно во иницијативата, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета оти со нејзино прифаќање ќе се прифати и поразот, но и неспособноста на, како што велат, советниците, на градоначалничката и на службите на Градот Скопје.
„Можеби, господа од СДСМ, за вас поразот и неспособноста се секојдневие, меѓутоа за мене не се опција. Верувам дека и за останатите советници не се опција и верувам дека за госпоѓата градоначалник и за службите не се опција. Оттука, наместо оваа иницијатива, јас би предложил иницијатива со која ќе ги поттикнеме службите, градоначалникот и Градот Скопје за реализација на овој голем проект“,
рече од говорницата советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет, Страшо Ангеловски.
Ангеловски го поздрави интересот што го пројавува Министерството за култура за реконструкцијата на Универзалната сала, но вели дека во програмата на скопската градоначалничка стои оти нејзиното реновирање ќе го направи Градот Скопје, а не дека овој потег ќе му го препушти на Министерството.
„Верувам дека е од исклучителна важност реновирањето и пуштањето во употреба на Универзалната сала и точно е дека е дел од програмата на градоначалничката, но во програмата пишува дека Градот Скопје ќе ја реновира Универзалната сала, а никаде во програмата не пишува дека Градот Скопје ќе се откаже од реновирањето и тоа ќе му го дозволи на Министерството за култура“,
додаде советникот од ВМРО-ДПМНЕ.
На ставот дека Градот Скопје, а не Министерството за култура треба да ја направи реконструкцијата на Универзалната сала, е и советничката група на Левица.
Иницијативата за отстапување на Универзалната сала на Владата не е спорна, туку е спорна самата Влада – рекоа советниците од Левица, додавајќи дека на една година пред парламентарни избори нема да дозволат овој објект да им биде отстапен на, како што велат, делегитимираната Влада и на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ја нарекоа „министерка за радост“.
„Кој ни гарантира нам дека Министерството ќе ја направи реставрацијата на Универзалната сала? Една година до избори, ние сега им веруваме на оваа министерка и на ова Министерство дека ова ќе го направи? Не. Нека издвои средства да му помогне на Градот тоа да го направи. Како што се вршат конкурсите секоја година во Министерството така веројатно би се завршила и оваа реставрација, така што ние сме апсолутно против оваа иницијатива“,
порача советникот на Левица, Амар Мециновиќ.
Советникот од Левица порача и дека иницијативата доаѓа во момент кога културниот живот во Скопје е целосно деградиран и оти нема што друго да понуди на следните избори, СДСМ сега се залага за реконструкција на салата.
„Придобивките кои вие ги ветувате може и некој друг да го направи зашто за една година има избори“,
заклучи Мециновиќ.
Пред почетокот на седницата, градоначалничката Данела Арсовска порача дека таа од позиција на градоначалник директно ниту може ниту, пак, сака да носи одлуки по однос на ова прашање.
„Тоа не е одлука којашто јас како градоначалник можам или сакам да ја направам. Иницијативата беше покрената од советниците, како што впрочем ги покренуваат сите иницијативи, и за тоа тие самите треба да одлучат. Да видиме во која насока се движи дискусијата и кое е всушност барањето коешто претендираат да го постават на дневниот ред на денешната седница на Советот“,
рече Арсовска пред почетокот на денешната седница на градскиот совет.
Околу преземањето на Универзална сала од страна на Министерството за култура се говори уште од ноември минатата година кога министрите за култура и за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ристо Пенов, беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска, од каде што излегоа со тврдење дека Универзалната сала целосно ќе биде преземена од Министерството за култура, за што добиле согласност од градоначалничката.
Потоа од Град Скопје испратија соопштение во кое беше наведено дека на заедничката средба се договориле дека во следните денови ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните, за што од Министерството треба да добијат писмено барање, по што ќе се изјаснат.
Но, оттогаш министерката за култура во неколку наврати кажа дека досега немаат добиено никаков одговор од Град Скопје ниту, пак, им е доставена состојба што е направено во Универзална сала.
Министерката за култура и на последната средба со новинарите минатиот месец објасни дека ѝ имаат предложено на градоначалничката Данела Арсовска да ѝ помогнат околу реконструкцијата.
„Универзална сала заедно со уште пет други институции во 2005 или 2006 година го поминале тој процес на децентрализација и станале надлежност на Град Скопје. Може да седнеме и да се договориме да помогнеме околу завршување на реконструкцијата. Бевме со министерот за локална самоуправа на состанок со градоначалничката каде таа се согласи дека ќе направиме промена на инвеститор, односно Министерство за култура ќе се јави како инвеститор, ќе ја изградиме Универзална сала и потоа повторно ќе ја вратиме на Град Скопје бидејќи не може да правиме процес кој е обратен на децентрализација“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска и тогаш упати апел до градоначалничката и Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е влезено во потесен избор да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.