Според советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, Советот на Град Скопје нема информација за постигната спогодба на приватните превозници со градоначалничката Арсовска. Но, како што посочи, ако спогодбата содржи и исплата на камата, тогаш советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Арсовска и директорот на ЈСП затоа што го оштетуваат буџетот на Град Скопје
Доколку градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, освен долгот им исплати и камати на приватните превозници, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје ќе поднесе кривична пријава против неа и против директорот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Ова вечерва го изјави советникот на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата „10 Мунити“ на ТВ 21.

Прашањето што треба да ѝ се постави на Арсовска, рече тој, е зошто градоначалничката цели три месеци ги навредуваше приватните превозници дека биле криминалци и дека ќе им поднесе кривични пријави, за сега да ги признае долговите кон нив и да најави нивна исплата.
Според Андоновски, Советот нема информација за постигната спогодба на приватните превозници со градоначалничката Арсовска. Но, како што посочи, ако спогодбата содржи и исплата на камата, тогаш советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Арсовска и директорот на ЈСП затоа што го оштетуваат буџетот на Град Скопје.
„Ние ја немаме спогодбата. Немаме информација што содржи или е тоа уште една нејзина лага дека се спогодиле или навистина има спогодба. Но, ако таа спогодба содржи и камата, зашто законски им следува камата на неисплатените фактури, јас можам да кажам дека ние како советничка група ќе поднесеме кривична пријава и против градоначалничката и против директорот на ЈСП за тие камати, ако се договориле да им ги исплатат зашто тоа е директно оштетување на буџетот на Град Скопје. Од буџетот се даваат пари на ЈСП, а ЈСП на превозниците. Ако ЈСП се договори во оваа формална процедура дека ќе им исплати основица од тоа што им должи од ноември до денеска, плус и камата за тој период, ние ќе поднесеме кривична пријава за таа разлика“,
рече Андоновски.
Тој посочи дека ниту Советот на Град Скопје, а веројатно ниту тие што ја поддржуваат Арсовска не знаат што е договорено и во која насока се субвенциите кои се најавени за приватните превозници.
„Различна е оваа Арсовска сега и онаа од кампањата или, како што вели еден колега советник, таа е како мало дете кое оди по дома и крши и ги обвинува своите другарчиња за тоа“,
рече Андоновски.
Пред два дена, односно на 1 март, од кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, соопштија дека е постигнат договор со приватните превозници и дека Градот Скопје ќе распише нов повик за нивно вклучување во јавниот превоз во главниот град.
Ова следува по двата пропаднати повици на кои приватниците не се јавија бидејќи протестираа и бараа исплата на долгови од Градот Скопје. Со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ беа раскинати и договорите и сега приватните превозници нема да може да аплицираат преку овие две компании.
Инаку, од кабинетот на Арсовска остануваат на ставот дека Градот нема никаков долг кон овие превозници од претходно, а тековните обврски од последниот договор ќе ги исплати како што е договорено, односно додека трае повикот за нови договори за јавен превоз.