Актуелната советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Битола Анита Ангелевска побара вонреден партиски конгрес и обвини дека партијата на чело со Христијан Мицкоски нема капацитет, а од битолскиот Општински комитет (ОК), пак, веднаш реагираа и ја разрешија од сите партиски функции.
„Вонреден конгрес, мобилизирање на партиската структура, сојузништво со граѓаните, застапување и искрена борба за нивните интереси. Единствено тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати на победничката патека“,
изјави Ангелевска.
ВМРО-ДПМНЕ, порачува таа, мора да излезе од фазата на губитник и од партија која нема фокус, а по најново и од партија која бојкотира избори, алудирајќи на одлуката да не се учествува на предвремените избори за градоначалник во Штип и Пласница.
„Најмногу загрижува фактот што ВМРО-ДПМНЕ со сегашниот претседател Мицкоски не може и нема капацитет да биде алтернатива за надминување на очајната и безизлезна состојба во државата. Секој одминат ден без вонреден конгрес ја ослабува партијата, а слабо и дефокусирано ВМРО-ДПМНЕ е само на штета на Македонија и на нејзините граѓани“,
вели битолската советничка.
Таа порачува и дека партијата треба да се подготви за локалните избори кои треба да се одржат во октомври наредната година, а патот за да излезе како победник на нив е да се направат промени преку вонреден конгрес.
„Време нема. Локалните избори се за помалку од една година. ВМРО-ДПМНЕ мора да влезе подготвено во овој циклус и да излезе како победник. Крајно неодговорно е кон граѓаните, тие да продолжат да се соочуваат со лошото и никакво работење на СДСМ на локално ниво, незамисливо е и натаму да ѝ биде дозволено на оваа власт да ја води државата во пропаст“,
рече Ангелевска чија изјава е објавена на Јутјуб каналот на Иницијативата за свикување на вонреден конгрес.
Од ОК ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш реагираа наведувајќи дека во целост се оградуваат од изјавата на Ангелевска во која таа побара оставка од претседателот Христијан Мицкоски, а истовремено ја разрешија од сите функции.
„Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, ја разрешува Ангелевска Анита од сите партиски функции кои ги обавува и упатува порака дека нема да бидат толерирани изјави и акти, спротивни на Статутот и Деловникот на партијата“,
соопштија од ОК на ВМРО ДПМНЕ во Битола.
Тие ја обвинуваат советничката дека се води строго од личен интерес и дека е под големо влијание на власта велејќи дека причините за ваквата нејзина изјава се криеле во судски спорови што се водат против неа.