Не може да се развиваат добрососедски односи меѓу земјите од позиција на примена на вето како екслузивно право на земја членка на ЕУ кон земјите кандидати или аспиранти, реагираат од Советот на амбасадори.
Тие изразија жалење што Бугарија одлучи да стави вето на евроинтеграцискиот пат на С Македонија.
„Со овој непримерен чин, Република Бугарија не се претстави пред светот како европски ориентирана земја која ги почитува и применува европските вредности и стандарди на самоопределување, човекови права, демократија, јазичните и културните вредности и различности. Советот на амбасадори смета дека доколку се пропушти можноста за соодветно решение до и на самиот Самит на ЕУ, дека во рамки на неодамнешните реформи на процесот на проширување на Европската Унија, ќе биде испуштена приликата за корекција на принципот на општ консензус при донесување на одлуките со посовремен и поефикасен начин на донесување на одлуки“,
се вели во соопштението.
Советот на амбасадори ги повика земјите членки на Унијата, а посебно Бугарија, да вложат вистински напори и да придонесат на Европскиот совет да се донесе вистинската одлука, односно во декември С Македонија и ЕУ да ја одржат првата меѓувладина конференција и да започнат преговорите за членството во Унијата.