Поранешниот премиер Владо Бучковски за бугарската ТВ Европа коментира дека една битка е изгубена, но не и војната за иднината на Северна Македонија. За блокадата од Бугарија вели дека била стратешка грешка.
„Се надевавме дека европска Бугарија ќе го европеизира Балканот, но, за жал, а видовме балканизација на Европа“,
вели Бучковски.
Според него нема логични причини за одложување на одлуката за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и порачува дека Договорот за добрососедство мора да успее.
„Македонија ќе преговара 6, 8, 10 години … Има време за блокади, но не сега. Сега кога тргнаа работите напред, очигледно според мене се прави една стратешка грешка“,
вели Бучковски.
Во изјавата за бугарската телевизија поранешниот премиер го коментира и говорот на омраза кој, вели, не доаѓа од официјалните лица во Скопје. Во таа насока, тој зборува и за тоа што бугарската министерка за надворешни Екатерина Захариева на националната телевизија зборувала за Јанко Бачев кој, според него, е минорна фигура.
„Мора да бидеме трпеливи. Да не ги изгубиме нервите, да нема дополнително говор на омраза, да нема омаловажување, да не се наседнува на провокации. Јас не можам да се изначудам што видов утрово на вашата национална телевизија. Има интервју вашата министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пет минути одговара на прашање. Единствена Македонија што е минорна партија, апсолутно минорна, не ни крие нејзиниот претседател Јанко Бачев кој е поранешен дел од удбашките структури, кој го вееше знамето на Русија пред македонскиот парламент при усвојувањето на уставните измени и затворањето на прашањето за разликите за името што ги имавме со Грција. Тој Јанко Бачев вчера побарал да бидат персона нонграта Захариева, Каракачанов и европратеникот Ковачев и сега вашиот министер одговара на националната телевизија. Па немојте ви се молам. Мора да покажеме дека сериозно знаеме кој е што. Мене ова ми личи како да е договорена некоја детска игра – јас тебе ќе ти ја шутнам топката, ти мене врати ми ја. Даваме шанса на минорни фигури, на националисти, да работат туѓи каузи“,
коментира експремиерот.