Прашан дали имало повик од страна на ДУИ и „Европскиот фронт“ за тивок бојкот на вториот круг од претседателските избори, техничкиот премиер изјави дека ниту коалицијата ниту ДУИ ги мотивирале гласачите да бојкотираат, туку им било оставено на граѓаните да гласаат по сопствена волја. За потегот на вицепремиерот Артан Груби, техничкиот премиер рече дека тој не е ниту влада ниту партија и оти тоа што гласал само изборите за пратеници е негов индивидуален став
Составот на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти кои добиле мандат на парламентарните избори на 8 мај, а јас сум фокусиран на обврските на (техничката) влада што ја водам и чиј мандат е до изборот на идната.
Ова денеска го изјави премиерот на техничката влада Талат Џафери во одговор на новинарско прашање дали може да се очекува уште еден негов мандат како премиер бидејќи коалицијата „Европски фронт“ предводена од партијата чиј член е – ДУИ, очекува да биде дел од составот на идната влада.
Премиерот на техничката влада денеска одржа прес-конференција по повод стоте дена од нејзината работа, на која рече дека успеале да организираат слободни, фер и демократски избори, согласно европски вредности.
За составот на идната влада, одговарајќи на новинарски прашања во рамките на прес-конференцијата, Џафери рече дека тоа ќе се види според калкулациите и како ќе се одвиваат разговорите меѓу политичките субјекти.
„Јас сум фокусиран на обврските на составот на владата што ја водам. Впрочем, мандатот на оваа влада е до избор на нова. Работата на конфигурација на идната влада е работа на преговори меѓу политичките субјекти коишто добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај, така што по ова прашање треба да се очекува резултат од таму“,
рече Џафери.
На прашањето дали ДУИ е подготвена да оди во опозиција бидејќи ВМРО-ДПМНЕ најави дека не сака да формира влада со „Европскиот фронт“ и дека за свој владин партнер од албанскиот политички блок ја преферира коалицијата на опозициските партии на Албанците, „Вреди “, Џафери рече дека тоа е прашање за органите на партијата и упати одговорите да се бараат таму.
„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа е прашање за органите на партијата. Другото е прашање на исходот на сите преговори за состав на нова влада“,
рече техничкиот премиер Џафери.
На прес-конференцијата беше прашан и за тоа дали имало повик од страна на ДУИ и „Европскиот фронт“ за тивок бојкот на вториот круг од претседателските избори. Техничкиот премиер вели дека ниту коалицијата ниту ДУИ ги мотивирале гласачите да бојкотираат, туку им било оставено на граѓаните да гласаат по сопствена волја.
„И кандидатот за претседател, и претставниците на фронтот, и субјектот, конкретно ДУИ, оставивме на граѓаните да ја изразат својата слобода волја на избирачкото место и на изборната кутија. Поединечните, индивидуални ставови не може да се претставуваат и да се сметаат како општи генерални ставови на субјектот, односно на фронтот воопшто. Впрочем, во моето родно место кандидатката, сега веќе избрана за претседател со мнозинство, имала 100 гласа, а противкандидатот 127 гласа, тоа е волја на граѓанинот“,
рече Џафери.
Во овој контекст, нему му беше посочен потегот на вицепремиерот и министер за политички системи и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој на изборниот ден во средата во живо се вклучи на својот фејсбук-профил од избирачкото место во ООУ „Петар Здравковски Пенко“ во скопски Чаир. По проверката на податоци, прашан од членовите на избирачкиот одбор дали ќе гласа за парламентарните избори и за вториот круг од претседателските избори, јасно се слуша, а потоа и се гледа, дека тој го бара и го зема само гласачкото ливче за изборите за пратеници.
Коментирајќи го случајот, техничкиот премиер рече дека Груби не е ниту влада ниту е партија и дека станува збор за негов индивидуален став.
Џафери додаде дека и тој како премиер имал изјава од избирачкото место по гласањето и потврдил дека ги зел двете гласачки ливчиња.
„Така што индивидуалниот став не е општ став по кој може да се констатира и да се извлече заклучок. Министер е, нека си е министер, индивидуа е по однос на Владата, не е став на Владата, индивидуален е ставот, не е став на партиски органи ниту на фронтот. Индивидуално може секој да каже што сака да каже, тоа е слобода и на мисла и на изразување. По однос на слободата на мисла и на изразување не можете да повикувате на одговорност. Од една страна барате слобода, од друга страна за таа слобода барате одговорност. Епа не може и едно и друго, тоа е работата“,
рече техничкиот премиер Џафери.