Преку МВР, веќе се најдени имињата и матичните броеви на сите патници во автобусот кој влегол во земјава на 27 февруари
Двајцата нови пациенти кај кои е дијагностициран коронавирус се во стабилна здравствена состојба. Имаат лесна клиничка слика, односно лесна форма на горнореспираторна инфекција – грип, соопшти вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.
Вечерва, тие ќе бидат пренесени со специјален транспорт на Здравствен дом – Скопје на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што дежурната екипа е спремна да ги пречека.
„По влезот во државата, од автобусот се симнувале патници во Куманово, Скопје и Дебар. Двајцата сопружници немале никакви симптоми и за првпат со сосем лесни симптоми се јавиле на 2 март кај матичниот лекар, кој не препознал индикации да се направи тестот за корона вирусот и ги пратил на домашно лекување. Денеска се јавиле во болницата во Дебар каде што доаѓа инфектолог од Гостива и била поставена индикацијата согласно симптомите кои се развиле во текот на вчерашниот ден. Земени се брисеви и денеска беа направени тестовите. За време на престојот дома, двајцата пациенти укажуваат дека имале контакт само со братот на жената“,
објасни Филипче.
Епидемиолози треба да оценат дали е потребно да биде ставен во изолација и братот на заразената жена или членовите на неговото семејство. Преку МВР веќе се најдени имињата и матичните броеви на сите патници во автобусот кој влегол на 27 февруари во земјава.
„Во овој момент, се прави идентификација, се утврдуваат местата на живеење на патниците и веќе од вечерва и во текот на утрешниот ден епидемиолозите, со асистенција на припадници на МВР, ќе направат разговори со нив. Согласно со податоците што ќе ги дадат, нивната здравствена состојба и анализа на контактите што ги имале, ќе бидат преземени соодветни мерки“,
рече Филипче.
Доцна попладнето Министерството за здравство соопшти дека се откриени два нови случаи на коронавирусот во земјава, кај сопружници од Дебар кои се вратиле од Италија.
Министерот Филипче претходно соопшти дека е стабилна состојбата на пациентката кај која прва беше откриено присуство на коронавирусот. Нејзиниот контролен тест бил негативен, но за тоа да се потврди треба да поминат 24-48 часа. Тоа, како што објасни Филипче, значи дека, ако контролниот тест е негативен, таа повеќе не може да ја пренесе болеста.