На терен веднаш излегле екипи на Итната медицинска помош и полицијата. Дел од медиумите пренесуваат дека во несреќата има четворица загинати

Сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило и камион предизвика повеќечасовен застој и пренасочување на сообраќајот на скопската обиколница во текот на изминатата ноќ. Сообраќајот е целосно нормализиран утрово во 5:30 часот.
Според првичните информации, несреќата се случила доцна синоќа во близина на населбата Радишани. Во директен судир помеѓу патничко возило марка „бе-ем-ве“ и камион, автомобилот се запалил, по што била потребна итна интервенција на Противпожарната единица.
На терен веднаш излегле екипи на Итната медицинска помош и полицијата. Дел од медиумите пренесуваат дека во несреќата има четворица загинати. Од Министерството за внатрешни работи засега нема информации околу сообраќајката и дали има загинати.
Од ЈП „Македонија пат“ соопштија дека поради инцидентот и увидот кој се вршел на лице место пренасочувањето на сообраќајот започнал во 23:30 часот синоќа.
Сообраќајот на правецот Велес – Тетово се пренасочувал од клучката Мирковци до клучката Приштина.
