Сојуз на средношколци: Училишта бараат пари од учениците за издавање свидетелства
Сојузот на средношколци денеска реагираше дека средни училишта во земјава бараат пари од учениците за наплаќање такси за издавање на свидетелства. Тие велат дека не се свесни дали образовните власти се информирани за проблемот, но својот извештај ќе го испратат до Државниот просветен инспекторат.
Информациите Сојузот ги добил преку поплаки од средношколци од повеќе градови, а дел од училиштата откако биле објавени, тврдат, прекинале да наплаќаат.
„Сојузот на своите страници на социјалните медиуми беше информиран за истово од средношколци, а информациите беа потврдени и од нашата мрежа на активисти во тие градови. Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. За жал, овие такси не се појава само во тетовските училишта. Скопската гимназија ’Зеф Љуш Марку‘ наплатува од своите ученици 100 денари за свидетелството, а гимназијата ’Мирче Ацев‘ во Прилеп 30 денари од ученик. Нашите извори велат дека барем 3 класа веќе ги предале средствата, а другите класови тоа ќе го сторат кога ќе ги враќаат книгите во училишните простории“,
велат од Сојузот.
Оттаму велат дека барањето пари за свидетелства е проблематично од повеќе причини, а пред сè, поради ставот 2 од членот 3 од Законот за средно образование кој предвидува дека „средното образование во јавните училишта е бесплатно“ и никаде во законот не се споменуваат вакви такси.