Извори од бугарското Министерство за транспорт, пак, наведуваат дека на средбата се разговарале и се прецизирале само технички прашања за доизградба на прекуграничниот тунел Деве Баир, како и потребата од избор на еден изведувач за целиот објект
Средбата одржана на 31 октомври годинава за Коридорот 8 во Софија беше за да се утврдат само технички прашања за доизградба на прекуграничниот тунел Деве Баир, но властодршците во Скопје ја искористија за политички пораки кои му штетат на проектот, пренесува бугарски „Фактор БГ“.
Според бугарските власти, се работело за технички состанок помеѓу генералните директори на претпријатијата за железничка инфраструктура на Република Бугарија и Република Северна Македонија, но само еден ден подоцна, македонската страна објавила дека на средбата биле прифатени „три клучни аргументи“ на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Прво, мора да има заеднички проект за тунелот, за да не се изгради тунел што не води никаде, потоа Бугарија мора да го заврши својот дел од железницата и трето, да се преиспита цената која е многу висока“,
соопштија од Министерството за транспорт вчера, 1.11.2024 година.
Но извори од бугарското Министерство за транспорт, пак, наведуваат дека на средбата се разговарало и прецизирало само технички прашања за доизградба на прекуграничниот тунел Деве Баир, како и потребата од избор на еден изведувач за целиот објект.
Оттаму велат Европската комисија и инволвираните европски финансиски институции се запознаени со сите прашања за кои се разговарало на состанокот.
Се потенцира дека генералниот директор на бугарското претпријатие за железничка инфраструктура нема овластување да преговара или да презема политички обврски.
„Бугарската страна уште еднаш јасно го изразува својот категоричен и непроменет став за важноста на Коридорот 8 и своето цврсто убедување за неопходноста од негова изградба во рамките на веќе утврдените параметри. Од последователните најави во Република Северна Македонија, уште еднаш е јасно дека технички состанок се користи за политички пораки“,
пренесе„Фактор БГ“.