Сите важни одлуки се носат во неговиот кабинет, коалициските партнери се сведени на статистичка декорација, а институциите се претвораат во сервис на премиерот, обвинуваат од СДСМ
Реконструкцијата на Владата која ќе се гласа на 13 јули не е ништо друго освен централизација на моќта во рацете на Христијан Мицкоски, обвинуваат од СДСМ. Од опозициската партија велат дека она што се претставува како освежување е само театар за јавноста.
„Се менуваат министри, но политиките остануваат исти. Се менуваат лица, но неуспесите продолжуваат. Ова не е реформа – ова е консолидација на лична власт. Мицкоски веќе ја има целосната контрола врз својата партија. Сега сака да ја има и врз целата држава. Сите важни одлуки се носат во неговиот кабинет, коалиционите партнери се сведени на статистичка декорација, а институциите се претвораат во сервис на премиерот. Ова е авторитарен модел директно преземен од Александар Вучиќ – силен претседател кој не треба да има вакви институционални овластувања, кој ја слабее владата, ја контролира партијата и постепено ја става државата под лична команда“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Наместо колективна одговорност, добиваме лична власт – наместо институции, добиваме еден човек, додаваат од СДСМ и порачуваат дека реконструкцијата нема да донесе подобар живот, нема да ги намали цените, нема да ги зголеми платите и нема да ја забрза европската интеграција.
„Ќе донесе само дополнително поголема концентрација на моќ во рацете на еден човек. Македонија не ѝ треба премиер кој сака да биде влада самиот. Нам не ни треба лидер, ни треба систем. А за систем ни е потребна Европската Унија, за да им се врати довербата на луѓето во институциите. На Македонија ѝ треба влада која работи за граѓаните, а не за сопствената власт“,
додаваат од СДСМ.
Седницата на која пратениците ќе расправаат за владината реконструкција е закажана за понеделник, 13 јули.
На дневен ред на 112. седница се ставени три точки, како Предлог за разрешување членови на Владата, Предлог за разрешување заменик-министри и Предлог за избор на нови членови на Владата.
