Двајцата пациенти се хоспитализирани, под континуиран медицински надзор и се лекуваат согласно современите медицински препораки. Нивната здравствена состојба внимателно се следи, информираат од Клиниката за инфективни болести
Два случаи на западнонилска треска се потврдени лабораториски на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Од Клиниката информираат дека заболените лица се хоспитализирани и дека се следи нивната здравствена состојба.
„Двајцата пациенти се хоспитализирани, под континуиран медицински надзор и се лекуваат согласно современите медицински препораки. Нивната здравствена состојба внимателно се следи“,
информираат од Клиниката.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од инфициран комарец. Најголем дел од инфицираните лица немаат симптоми или имаат лесна клиничка слика, додека кај мал број пациенти, особено кај повозрасни лица и лица со ослабен имунитет, може да се развијат потешки невролошки компликации.
Од Универзитетската клиника за инфективни болести апелираат до граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци: користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојаната вода во околината, каде што комарците се размножуваат.
