Сите беа изгласани со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, освен Јајага за кого имаше 64 гласа „за“

Пратениците во Собранието попладнево ги изгласаа новите заменик-министри предложени по договорот за влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција.
Од новите заменик-министри, двајца се од редовите на Алијанса, двајца од СДСМ и еден од ДУИ:
- Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
- Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
- Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
- Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
- Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.
Сите беа изгласани со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, освен Јајага за кого имаше 64 гласа „за“.
Во рамки на реконструкцијата предложена од премиерот Димитар Ковачевски, Собранието претходно на 27 февруари пред полноќ избра и четворицата нови министри.
Нов министер за правда стана Кренар Лога, за здравство Фатмир Меџити, за информатичко општество и администрација Азир Алиу, додека со ресорот за животна средина и просторно планирање сега раководи Каја Шукова.
Од присутни 114 пратеници во салата, „за“ Лога, Меџити и Шукова вкупно гласаа 65 пратеници, без ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, додека Алиу беше избран со 64 гласа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“.
Сите нови министри освен Шукова, која е од редовите на СДСМ, доаѓаат од новиот владин партнер Алијанса за Албанците.
Лога доаѓа на местото на Никола Тупанчевски, ресор со кој досега раководеше СДСМ, Меџити на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива. Шукова, пак, ќе го замени Насер Нуредини од ДУИ.