Во Сремски Карловци се одржува централната прослава по повод стогодишнината од воспоставувањето на Српската патријаршија. По свечената утринска литургија, следува заседание на Соборот на Српската православна црква, а работниот дел треба да продолжи во Белград, по што се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Во исчекување на конечен став на СПЦ, српските медиуми повикувајќи се на неофицијални извори пишуваат дека СПЦ ќе ја потврди одлуката на Вселенскиот патријарх Вартоломеј.
„Вистината е дека јерахијата на СПЦ, со патријархот Порфирије на чело, била подготвена да се договори за црковно заедништво со расколниците, за што е директно и индиректно разговарано во изминатиот период, дури и во почетокот на овој месец, кога во Ниш се состанале патријархот Порфирије и архиепископот Стефан, придружени со јерархи на двете цркви.“
пишува српски „Курир“ повикувајќи се на извори од СПЦ.
Слични тези претходно објави и „Блиц“, соопштувајќи дека има индиции дека владиците ќе одобрат МПЦ повеќе да не се третира како расколничка, односно да дојде до канонско единство.
На 9 мај Светиот Синод на Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Тоа не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.