Државниот врв денеска упати честитки до православните верници по повод празникот Богојавление – Водици, со пораки за добро здравје, единство, просперитет и благосостојба.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски во својата честитка до верници порача симболиката на прочистените води да биде мотив за духовно прочистување и инспрација за добри дела.
„Чинот на фрлање на светиот крст и годинава ќе не собере покрај македонските води за заедно да го посведочиме јавувањето на Бог и да ги наполниме срцата со надеж и верба. Симболиката на прочистените води нека ни биде мотив за духовно прочистување и инспирација за добри дела. Да негуваме разбирање слога и човекољубие, постојано дарувајќи љубов, грижа и внимание. Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление- Водици! Бог се јави!“,
се наведува во честитката од Пендаровски.
Премиерот, Димитар Ковачевски упати писмо до поглаварот на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, на Светиот архиерејски Синод, на свештенството и монаштвото на МПЦ – ОА и на сите верници во кое го честита големиот христијански празник.
„Симболиката на вековното празнување на Богојавление – Водици во Црквата и во народната традиција, што потсетува на Исусовото крштевање во реката Јордан, има длабоко и суштинско значење, бидејќи упатува на обновата како на неминовен дел од духовниот развој на личноста, но и на заедницата“,
се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Денес, посочува Ковачевски во писмото, заедничко добро е да се осигура мирот и да се обезбедат егзистенцијата и просперитетот со разбирањето, грижата едни за други и со заедничка поддршка на развојот, како предизвик и обврска на секој совесен човек.
„Повикани сме сите кон оваа цел да ги вложиме и обединиме нашите стремежи“,
посочува премиерот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во честиката по повод Богојавление – Водици од свое и од име на сите пратеници порача дека единствената и најважна цел за сите нас секогаш ќе биде просперитетна и безбедна иднина, мир во земјава, еднакво, правично, напредно и пред сѐ, хумано општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ќе се грижи подеднакво за личниот и колективен напредок на земјата.
„Лесно е да се руши, храброст е да се сочува и надгради создаденото за да трае вечно. Нека водата која е симбол на Богојавление ги однесе сите препреки и тешкотии и нека помогне да со бистар ум и јасна цел донесеме државнички одлуки кои значат живот за Република Северна Македонија. Почитувани граѓани, нека е за многу години празникот!“,
порачува Џафери.