Последните информации што ги пренесоа грчките медиуми доцна во ноќта укажуваат дека ситуацијата со пожарот е малку подобрена. Според Противпожарната служба, интензитетот на пожарот се намалил во текот на вечерта, иако сè уште не е ставен под контрола, а околу 155 пожарникари остануваат распоредени на терен за да се справат со пожарот

Од приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики, по морски пат, евакуирани се вкупно 481 лице, информираат од оперативниот центар на Грчката крајбрежна стража. Евакуацијата доаѓа по големиот шумски пожар што вчера попладне избувна во Сивири.
Во транспортот на луѓето, како што пренесуваат грчките медиуми, биле вклучени два брода на Грчката крајбрежна стража, два брода на Противпожарната бригада, три рибарски брода, приватни бродови и брз патнички ферибот.
Три брода на Крајбрежната стража, два брода на Противпожарната бригада и приватни бродови остануваат во областа како мерка на претпазливост и за да обезбедат дополнителна помош доколку е потребно.
Последните информации што ги пренесоа грчките медиуми доцна во ноќта укажуваат дека ситуацијата е малку подобрена. Според Противпожарната служба, интензитетот на пожарот се намалил во текот на вечерта, иако сè уште не е ставен под контрола, а околу 155 пожарникари остануваат распоредени на терен за да се справат со пожарот.
Раководителот на Дирекцијата за цивилна заштита на регионот Централна Македонија, Хараламбос Стергијадис, вели дека во Сивири и Фурка се транспортираат генератори за првично да обезбедат електрична енергија за јавната инфраструктура, вклучувајќи пумпни станици и постројки за третман на отпадни води.
Екипи од Грчкиот оператор на дистрибутивната мрежа за електрична енергија (HEDNO) и регионот Централна Македонија веќе работат на враќање на снабдувањето со електрична енергија и вода во Сивири.
Василиос Ватракогијанис од Националниот координативен центар за операции и управување со кризи информира дека во гаснењето на пожарот во Сивири интервенираат 155 пожарникари со четири групи шумски командоси, 57 возила и доброволци, меѓу кои 12 пожарникари со три возила од Молдавија.
За гаснење пожари од воздух, периодично интервенирале девет авиони и седум хеликоптери, вклучително и еден за нивна координација.
Во операцијата, додава тој, помагале носачи на вода и градежна механизација од регионот на Централна Македонија и Општина Касандра, а две градежни машини биле ставени на располагање од страна на Управата за градежништво и управување со катастрофи за отворање патишта и зони за заштита од пожари, во соработка со шумската служба.
Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“ на ЕУ – Мапирање е активирана за мапирање на големиот шумски пожар на Халкидики и поддршка на работата на противпожарните сили. Барањето е прифатено од Европската Унија, а се очекува наскоро да бидат достапни низа податоци и производи за мапирање базирани на анализа на сателитски снимки.
Во меѓувреме, грчките медиуми пренесуваат дека хотелиерите и на Халкидики и во Солун нудат соби за лицата погодени од шумскиот пожар во областа Сивири.
