Скопскиот градоначалник Петре Шилегов лично се залага да има два проекта – да се реставрира сегашната Универзална сала и да се изгради нова поголема сала на нова локација
Пари ќе се бараат од централниот буџет на државата, а доколку нема компромис за најдобро решение, градоначалникот најави и можен референдум на кој граѓаните ќе го имаат последниот збор
Најмалку 900 000 евра досега се потрошиле за конкурси за идејни решенија и проекти за реконструкција на Универзална сала. Ова го посочи денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов на брифингот со новинарите на кој ги претстави можните сценарија за иднината на оваа културна установа.
„Досега со тие пари можеби ќе се реконструираше“,
низ смеа изјави Шилегов за установата која повеќе од 5 години е под клуч чекајќи ја долговетуваната обнова.
Три опции за иднината на Универзална
На денешниот брифинг презентираше три опции: изградба на нова Универзална сала на постојната локација, изградба на нова сала на нова локација, и реставрација на постојниот објект и изградба на нова сала на нова локација.
За сите опции ќе се распишува конкурс за избор на идејно решение, за потоа, како што рече Шилегов, да има врз основа на што да се дебатира и да се донесе одлука.
Лично тој се залага за третата опција, која според првичните проценки би чинела 20 милиони евра, пари што ќе треба се обезбедат од централниот буџет.
„Состојбата е таква што Универзална сала не може да опстане во форма на реконструкција, мора да се сруши. Сите укажувања и на стручната јавност и Асоцијацијата на архитекти се дека на ова место не може да се изведе објект од зголемен карактер. Оттука, логично се наметна идејата за дислокација. Јас сум должен да размислувам за културниот развој на Градот. Во постојниот објект факт е дека не може да се добие на квалитет. Идејата е евентуалниот нов објект да биде од поголем капацитет, во него да биде опфатен и Театарот за деца и младинци, ‘Танец’ и конгресен центар“,
објаснува Шилегов.
Досега од буџетот на државата за овој проект на Град Скопје му се одобрени само пола милион евра, кои Шилегов рече дека ќе се искористат за конкурси за можните решенија за обновата на Универзална сала.
Шилегов најави можен референдум
На прашањето дали во моментов, особено во оваа ковид-криза, државата може да си дозволи таков луксуз и да се градат два проекта – односно да се реставрира старата Универзална сала и да се гради нова поголема сала на нова локација, Шилегов е оптимист:
„Токму поради кризата сметам дека државата има интерес да финансира во вакви проекти кои ќе ги привлечат работите напред“,
рече Шилегов.
Кога ќе завршат конкурсите и ќе се понудат опции за реставрација, реконструкција или дислокација, Шилегов рече дека доколку нема компромис, граѓаните ќе можат да го кажат својот став на референдум.
„Ако имавме референдум за ГТЦ, ќе имаме и за Универзална сала. Пред тоа мора да ги дефинираме сите опции за да знаеме што ќе ги прашаме граѓаните на тој референдум“,
рече Шилегов.
Како опција ќе остане и веќе распишаниот конкурс на Градот за избор на идејно решение за изградба на парк и летна сцена на местото на Универзална сала бидејќи. како што рече Шилегов, треба да се знае што би се правело со тоа место, ако падне одлука Универзална да биде дислоцирана, а тоа место да се уреди како јавен простор.
Шилегов рече дека доколку има компромис ем салата да се рестраврира ем да се гради нова, тогаш нема да има потреба од референдум.
Како можни локации за изградба на нова сала го посочи делот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а опција е и просторот кај стаклениците на ЈП „Паркови и зеленило“ во Карпош во близина на крајниот дел од Градски парк.
Асоцијација на архитекти: Ако нема пари за два проекта, да се реставрира сегашната сала
По критиките во јавноста, од Асоцијацијата на архитекти вчера преку соопштение до јавноста посочија дека тие предложиле да се распише конкурс за изградба на парк и летна сцена на Универзална сала бидејќи Градот предложил новата сала да биде во поголем обем, нешто што велат дека не одговара и нема простор да се изведе на сегашната локација. Дополнително, како што велат, проблем биле финансиите, односно од Градот им било кажано дека нема доволно пари за реконструкција.
Денешните изјави на градоначалникот Шилегов дека најдобра опција е да се направат два проекта – да се реставрира старата сала и да се гради нова на друга локација, според првиот човек на Асоцијацијата на архитекти, е изводлива, но државата треба да каже дали и колку пари може да се издвојат за тоа.
Мартин Пановски во изјава за „360 степени“ вели дека доколку нема опција за два проекта, Асоцијацијата на архитекти ќе се залага Универзална сала да биде реставрирана во постојниот габарит.
„Ставот дека не треба да остане ваква како што е јасен, дали ќе најдат средства е друга работа. Во моментов ние имаме само руина, која не смее да остане во оваа состојба ниту еден ден повеќе бидејќи самата ќе се урне. Нашиот став е дека нема простор за поголем капацитет во тој дел. Ако нема пари, нека ја реставрираат ваква каква што е, во истиот габарит“,
вели Пановски.
Тој посочува дека судбината на Универзална треба да е поука за сите проекти со таква архитектонска вредност.
„Од аспект на архитектонска вредност, во моментов објектот нема никаква, емотивната вредност е друго прашања. Ова треба да е поука за сите многу повредни проекти, кои се далеку повредни од Универзална сала, а се оставени на забот на времето да пропаѓаат. Не треба да се дебатира од аспект на емоции и мемории, затоа што постарите ги имаат, а помладите не. На овој начин, со оваа слика денес, само ги едуцираме младите дека може објект да имаме ‘рѓосан објект повеќе од 20 години и дека тоа е некаков дом на култура“,
вели Пановски.
Политички препукувања
Покрај критиките во јавноста околу можното рушење и дислоцирање на Универзална, ова прашање предизвика препукувања и меѓу актуелната и претходната власт.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје денеска уште еднаш го обвини Шилегов дека ги погазил своите предизборни ветувања за реконструкција на оваа установа.
Поранешниот скопски градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ пак, Коце Трајановски, кој зад себе има неколку пропаднати проекти за реконструкција на Универзална, преку социјалните мрежи вчера обвини дека актуелната власт сака просторот кај Универзална да остане парк за да можат да се градат повеќе згради на парцелата на поранешна „Треска“. Односно, бидејќи и двете парцели се на ист детален урбанистички план, а на ДУП мора да има одреден процент зеленило, парк кај Универзална би отворил можност за повеќе бетон кај „Треска“.
Шилегов денеска остро ги демантиреше овие тези.
„Ако некој мисли така, длабоко се лажи. Јас сум спремен сите постапки да бидат запрени додека се донесе ДУП“,
рече Шилегов.
За реконструкција на Универзална досега имало неколку пропаднати проекти.
Претходната власт прво најави реконструкција, па одлучи да се гради нова сала во форма на јајце, проект за кој се испишманија поради „економски причини“, па повторно најавија реконструкција.
Универзалната сала е пуштена во употреба во 1966 година. Во јавноста таа е симбол за солидарност и е изградена со меѓународна помош по катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Сепак, објектот што ја претставува колективната меморија на културниот живот во земјава, се чини, уште долго време ќе остане да чека шанса одново да заживее.