Откако ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање за интерпелација на претседателката на Комисијата за избори и именувања Марија Георгиевска поради процедурата за избор на уставни судии, таа во своја одбрана кажа оти не видела изгледи дека Комисијата ќе продолжи да функционира како што треба и затоа на пленумот му е даден предлогот за овие два предлози, за кои претходно со мнозинство гласови е донесена одлука за нивен избор
Пратеничката од редовите на СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за избори и именувања Марија Георгиевска денеска изјави дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за нејзина интерпелација од претседателската позиција во Комисијата не е ништо друго освен, како што рече, обид да се предизвика уставна криза.
Нејзината изјава следува откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска го поднесе најавеното барање за интерпелација на Георгиевска поради процедурата за избор на уставни судии. Барањето, како што посочија од партијата, се поднесува затоа што Георгиевска неделовнички и неуставно на сè уште незавршена точка на дневен ред и незавршена комисија поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.
Георгиевска, пак, во своја одбрана вели дека го известила претседателот на Собранието Талат Џафери оти собраниското тело со мнозинство гласови се изјаснило за изборот на двајца предложени кандидати за уставни судии и дека постапката за нивниот избор може да се префрли на пленумот.
„Во Комисијата за изборите и именувањата се води дискусија, односно расправа за секого поединечно и исто така и за секој предлог посебно се гласа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци намерно го одолговлекуваат изборот на кандидатите, односно изборот на уставните судии, со што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во ова Собрание го докажуваат тоа што го прават постојано – кочење, блокирање и поттикнување на каква било криза“,
истакна Георгиевска.

Таа потенцира дека Комисијата за прашањата на изборите и именувањата согласно Деловникот не доставува извештај, туку носи одлуки и одлуките како предлог ги дава на пленумот којшто понатаму треба да одлучува.
Георгиевска рече оти не видела изгледи дека Комисијата ќе продолжи да функционира како што треба и затоа на пленумот му е даден предлогот за овие два предлози, за кои претходно со мнозинство гласови е донесена одлука за нивен избор.
„Расправата во Комисијата по однос на третиот кандидат за уставен судија расправата се уште тече и таа ќе продолжи понатаму да се работи, меѓутоа тоа не смее да претставува пречка за нефункционирањето на Уставниот суд“,
изјави Георгиевска.
Георгиевска се осврна и на самата работа на Уставниот суд, посочувајќи дека Собранието не смее да си дозволи поради неодговорност да се блокира неговата работа.
„Мора да сносиме одговорност. Не можеме да дозволиме да биде блокиран Уставниот суд. Знаете дека работи на границата на донесување на одлуки. Знаете дека на уште еден судија сега на почетокот на декември му завршува мандатот. Значи, Уставниот суд нема да биде во можност да носи одлуки“,
додаде Георгиевска.
Во однос на интерпелација која пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе за нејзината работа, Георгиевска нагласи дека очекува таа да се најде на собраниска седница и да се дискутира по неа, по што ќе се утврди дали таа работела спротивно на Деловникот.
„А дали сум работела противуставно надлежен е токму Уставниот суд, којшто опозицијата сесрдно со месеци, година и половина се труди да не биде ставен во функција. Уставниот суд нека процени дали се работи неуставно или се работи согласно она што е Деловник во ова Собрание“,
додаде Георгиевска.