Директорката на американскиот Завод за јавно здравство во сојузната држава Илиноис, Нгоки Езике изјави дека е регистриран значителен пораст на труење со дезинфекциски средства во последните два дена.
Таа додаде дека тоа се совпаѓа со дилемата што американскиот претседател Доналд Трамп ја наметна пред два дена на брифингот во Белата куќа, кога запраша дали би можело со вбризгување на средства за дезинфекција да се лечи ковид-19.
Неговото објаснување беше дека, кога овие средства се толку ефикасни во уништување на вирусот на површината, зошто не би функционирале и во телото. Другата работа што ја предложи е лицата да бидат изложувани на УВ зрачења како за уништување на коронавирусот.
Но оваа шокантна изјава на Трамп предизвика жестоки реакции и од лекарите и од компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција, кои предупредија дека се работи за опасни материи кои доведуваат до труење и смрт.
Д-р Езике посочува дека примиле пациенти кои со детергенти се обидувале да ги измијат синусите, додека едно лице правело гаргара со мешавина од избелувач и вода за уста, за да го уништи новиот коронавирус.
„Вбризгување и шмркање средства за чистење е опасно. Не го советуваме тоа, тоа може да биде смртноносно“, предупреди д-р Езике.