Со финансиска помош од 800 000 долари од Европската команда на Армијата на САД ќе се прошират капацитетите за хоспитализација на пациенти на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје. Со оваа инвестиција се очекува целосно да се заокружи процесот на обнова на просториите на оваа клиника, кој започна во 2017.
По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз ја посетија Клиниката за хематологија.

„Многу работи се сменија откако почнавме да разговараме за овој проект. С Македонија стана дел од НАТО, станавме сојузници, доби покана од ЕУ за започнување на пристапниот процес, а се случи и пандемијата на ковид-19. Тоа што не се смени во сите овие години е заложбата на САД да работи со С Македонија за подобрување на здравствениот систем. Среќна сум што таа соработка се развива. Ќе продолжиме да работиме заедно не само за справување со пандемијата туку и за зајакнување на здравствениот систем, науката, технологијата во интерес на сите граѓани“,
рече амбасадорката Брнз.
Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис посочи дека со помошта од САД ќе се надгради еден кат на клиниката и ќе се зголемат просторните капацитети. Со оваа донација, нагласи таа, се заокружува процесот на реновирање што заедно со веќе воведените нови и современи методи за лекување прави клиниката да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни и хематолошки заболувања.
„Досега нашата клиника имаше капацитет да спроведува 50-60 трансплантации годишно и притоа пациентите од регионот коишто бараа здравствена помош кај нас многу често не можевме да ги прифатиме бидејќи немавме просторни услови. Сега со новоизградениот оддел ние прераснуваме во регионален центар и директна корист со оваа донација ќе имаат сигурно околу стотина македонски здравствени корисници и на годишно ниво и 20 пациенти од регионот“,
истакна Ставридис.
Министерот Филипче, пак, оцени дека овој проект е од исклучително значење за пациентите и ги подобрува условите за работа на тимот во оваа Клиника. Тој дека Амбасадата на САД беше првата што помогна со лична заштитна опрема, со 60 респиратори што ги добивме преку НАТО и со уште еден проект вреден 300 000 евра, а кој е поврзан со медицинска опрема која ни е потребна за справување со ковид-кризата.

„Ова е уште еден доказ дека пријателите и партнерите треба да се тука и да се најдат кога е најмногу потребно, а САД го докажаа токму тоа – дека стратешкото партнерство вреди тогаш кога пријателите се тука да помогнат и да се најдат, да се пребродат тешки моменти посебно една ваква криза којашто е криза во целиот свет“,
рече Филипче.
Министерот потенцира дека, исто така, со поддршка на САД, реновирани се капацитети и во болницата „8 Септември“, изградена е нова зграда во болницата во Демир Хисар, реновирано е одделението за неврологија во Клиничкиот центар, а во тек се работи и на Клиниката за максилофацијална хирургија.
