На денешната расправа во законодавниот дом за измените дискутираа пратеници од владејачкото мнозинство, според кои техничката или т.н. пржинска влада е надминато решение, додека опозицијата го бранеше својот став, искажан претходно, дека со нејзиното укинување сериозно се доведуваат во прашање условите за одржување демократски избори
Опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ, ја напушти седницата откако претходно координаторката на нивната пратеничка група, Рина Ајдари, побара прашањето за измените на Законот за Влада да го разгледува собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, оценувајќи дека укинувањето на техничката влада значително засега во меѓуетничките односи. Од „Европскиот фронт“ реагираа дека за ваквите измени треба да се гласа и со Бандентерово мнозинство, за да се избегне моментот на надгласување
Со 70 гласа „за“, 11 против и без воздржани, Собранието попладнево го донесе Законот за изменување на Законот за Влада, по скратена постапка, со кој се укинува техничката влада. Според донесените измени, техничката или преодна влада заминува во историјата по одржувањето на следните парламентарни избори. Таа беше воведена како решение пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, како механизам што треба да гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри од опозицијата на 100 дена пред одржување на парламентарните избори.

На денешната расправа во законодавниот дом за измените дискутираа пратеници од владејачкото мнозинство, според кои техничката или т.н. пржинска влада е надминато решение, додека опозицијата го бранеше својот став, искажан претходно, дека со нејзиното укинување сериозно се доведуваат во прашање условите за одржување демократски избори.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека треба да се престане со третманот на македонската демократија како пациент на апарати и да се покаже дека таа може да функционира како вистинска демократија.
„Законот го носиме заради институционална стабилност во иднина, да не останеме во пржинскиот лавиринт. Техничката влада беше ад хок решение за излез од кризата во 2015 година. По 11 години, мора да покажеме дека сме способни за фер избори, без вештачки пржински модели“,
рече Мицевски.
Тој упати прашање до пратениците на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), зошто им е потребен заштитен механизам, ако се сигурни во победата на следните избори кога последен пат ќе важи техничката влада.
Според Мицевски, во првата техничка влада во 2016 година немало деформитети, но тие се појавиле во следните технички влади, кога, како што кажа, имало надгласување на министри што носеле одлуки во нивните ресори. Најголемиот деформитет, рече тој, се покажал кога СДСМ разрешил министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тогаш техничката влада почна да ги покажува своите аномалии. Сите вие во неформални разговори кажувавте дека треба ден порано техничката влада да се укине затоа што е непродуктивна“,
изјави Мицевски додавајќи дека и во 2021 и во 2023 година, кога биле опозиција, барале укинување на техничката влада и дека покажале конзистентност во своите ставови.

И пратениците од нивниот коалициски партнер ВЛЕН во текот на расправата рекоа дека се за укинување на техничката влада, која пратеникот Аднан Азизи ја нарече остаток од едно лошо минато.
„Техничката влада е од времето на висока поларизација и ниска доверба дека владата може да организира фер и демократски избори. Тоа беше поради штетните политики на ДУИ со (Никола) Груевски и (Сашо) Мијалков, кои ја уништија довербата во институциите и ова беше излезно решение. Но, тоа помина. Сега сме членка на НАТО и сме во релативно демократска клима. Последните избори беа најдобри во историјата и според сите меѓународни фактори, и не постои ниту еден аргумент техничката влада да продолжи“,
рече Азизи.
Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, во своето излагање кажа дека техничката влада била предложена само за изборите во 2016 година, но во 2018 година рече дека на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тогаш во опозиција, преку консултации било договорено да се направи предлог-закон со кој техничката (преодната) влада ќе важи сè до влегување на Република Македонија во Европската Унија (ЕУ).
Според неа, власта предлага укинување на техничката влада по скратена постапка арогантно и без консултација со опозицијата, само со два информативни состанока.
„Техничката влада е механизам кој може да обезбеди минимални услови за фер и демократски избори, тоа не е привилегија на опозицијата туку законска обврска до создавање услови. Таа требаше да биде мост од заробена држава до демократска држава. Вие го срушивте тој мост пред да преминеме од другата страна на мостот, пред да станеме демократска држава. Денес имаме заробена држава, судство и медиуми под контрола на власта, полиција во служба на власта и во вакви услови техничката влада не смее да биде укината“,
рече Тренчевска и побара предлогот да се повлече и да се почне со широк процес на консултации за решение со консензус од сите четири големи партии.

На Тренчевска и реплицира министерот за јавна администрација Горан Минчев, кадар на ЗНАМ, според кого, крајна цел на СДСМ е да не учествува на следните парламентарни избори.
„Овој закон е првиот дел од вашето сценарио. Не е точно дека се укинува, останува во сила само за следните парламентарни избори. Значи, вие не сте убедени во победата на вашите политички партии. Напротив, вие го рушите во континуитет мостот кој е воспоставен“,
рече Минчев.
Тренчевска возврати со контрареплика, во која му порача на министерот Минчев дека тој има најмалку право да зборува за СДСМ, затоа што, како што кажа, тој завршил со СДСМ, алудирајќи на поранешното негово членство во партијата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, посочи дека постојниот закон е формат договорен во Пржино и е единствено законско решение во кое, како што рече, стои дека е договор помеѓу четирите најголеми партии во Собранието, што не постои во ниеден друг закон.
Според него, едностраното укинување на техничката влада, без да се почитуваат принципите врз кои била усвоена, не е реформа ниту напредок на општеството во овој момент.
„Ние ќе гласаме против ова законско решение затоа што се што е усогласено до волја и политички декларации на четирите партии од законодавниот дом, по истиот пат треба да да оди и за негова промена, треба сите да бидеме согласни. Ако не биде така, тогаш отсуствува политички дијалог и ако се избегнува дебата за вакви клучни прашања во Собранието, тогаш не можеме да глумиме во работата за Изборниот законик“,
рече Спасовски.

Опозицискиот „Европски фронт“, предводен од ДУИ, ја напушти седницата откако претходно координаторката на нивната пратеничка група, Рина Ајдари, побара прашањето за измените на Законот за Влада да го разгледува собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, оценувајќи дека укинувањето на техничката влада значително засега во меѓуетничките односи. Од „Европскиот фронт“ реагираа дека за ваквите измени треба да се гласа и со Бандентерово мнозинство, за да се избегне моментот на надгласување.
„Имате обврска и можност тоа да го направите, ако го надгласувате нашето право да сме еднакви граѓани и еднакви пратеници со другите, ќе ја напуштиме седницата. Лошо го интерпретирате Деловникот за работа, правите преседан со кој сите други барања што ќе следуваат ќе ги надгласувате и мајоризирате“,
му рече Ајдари на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, кој ја водеше 98. седница.

Во врска овие наводи, Милошоски прочита записник од 3 април 2019 од донесувањето на Законот за влада, кога претседател на Собранието бил Талат Џафери, а предлагачи СДСМ и ДУИ.
„Законот е донесен, како и сите други закони, и без квалификувано мнозинство“,
рече Милошоски додавајќи дека постапува врз основа на воспоставена пракса.
