Чилеанскиот здравствен институт ISP објави дека зголемувањете на бројот на заразени е резултат на бразилската варијанта на вирусот која стана најраспространета во земјата и дека е двојно позаразна од оригиналниот вид на коронавирусот
Чилеанските здравствени власти најавија повторно дека Сантијаго, главниот град на земјата каде живеат скоро шест милиони луѓе оди во карантин. Одлуката е донесена откако е забележан рекорден број на заразени од почетокот на пандемијата, и покрај фактот дека повеќе од половина од населението е целосно вакцинирано.
Алармот за властите беше дека бројот на заразени лица низ целата земја е зголемен за 17% во последните две недели, а за 25% во регионот каде што се наоѓа градот Сантијаго и каде живее половина од населението на оваа земја.
Капацитетите за интензивна нега во главниот град се скоро целосно исполнети. Чилеанската национална федерација на здруженија на болничари вели дека здравствениот систем е „пред колапс“.
Парадоксално е што Чиле има една од највисоките стапки на вакцинација во светот. Околу 75 проценти од 15 милиони жители примиле барем една доза на вакцина, а скоро 58 проценти се целосно имунизирани. Според Ројтерс, оваа земја е, ако го земеме предвид бројот на вакцинирани, лидер во Јужна Америка и петта во светот.
Досега во земјата се дадени речиси 23 милиони дози вакцини.
„Од 7 716 лица за кои е потврдено дека биле заразени со коронавирус во средата и четвртокот, 73 проценти не ги примиле двете дози, а 74 проценти се на возраст под 50 години“,
објави чилеанското Министерство за здравство.
Без вакцини би било катастрофа
Д-р Цезар Кортес, лекар во итната служба на Универзитетската болница во Чиле вели дека луѓето кои минатата година останале дома сега се плашат дека ќе останат без работа.
„Минатата година карантинот беше поефикасен затоа што луѓето се плашеа од смрт. Сега тоа не е случај“,
вели тој.
Сепак, сè би било многу полошо ако Чиле немаше доволно количество вакцини.
„Комплицираната ситуација во која се наоѓаме сега ќе беше катастрофална доколку немаше вакцинација“,
смета лекарот.
Зошто има зголемување на заразените?
Чилеанскиот здравствен институт ISP објави дека зголемувањете на бројот на заразени е резултат на бразилската варијанта на вирусот која стана најраспространета во земјата и дека е двојно позаразна од оригиналниот вид на коронавирусот.
Чиле сега почнува да ги вакцинира тинејџерите, истовремено нудејќи различни придобивки за постарите возрасни групи кои се имунизирани. Пред две недели беа воведени зелени картони кои им даваат поголема слобода на вакцинираните лица.
Пред само еден месец, Чиле беше една од водечките земји кога станува збор за имунизација. Според бројот на примени вакцини на 100 жители, земјата беше на третото место во светот, а пред неа беа само Израел и Обединетите Арапски Емирати.
Во Латинска Америка, Чиле има четирикратно подобар биланс од Бразил и Аргентина, кои се на второто и третото место.
Владата ја започна програмата за имунизација на населението на 24 декември минатата година и ја постави како една од нејзините главни цели. Програмата е организирана според приоритет. Прво, вакцинирани се здравствените работници и најстарите и најзагрозените граѓани. Потоа, другите се вакцинираат според годината на раѓање.