Според пратеникот на Алијанса, кадровската комисија нема ингеренции да предлага до Владата разрешување на министри од оваа партија и избор на нови на нивно место
Прашан дали кога вели дека ДУИ ќе има двајца свои министри тоа значи дека крилото на Села станува огранок на ДУИ, Сноче со одговор: „Па реков, вршител на должност на тој огранок по сè изгледа е Артан Груби“
По прес-конференцијата на координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците, Аднан Незири, кој рече дека разрешувањето на министрите Фармит Меџити и Азир Алиу е готова работа, пред новинарите во собранискиот прес-центар се обрати пратеникот од оваа партија, Халил Снопче, кој излезе со спротивен став од оној на неговиот сопартиец.

На посебната прес-конференција, Снопче изјави дека партијата не побарала разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и дека органите на партијата стојат зад Меџити и Алиу, што се потврдило и на вчерашниот состанок во Куманово.
„Сакам да известам дека Алијансата за Албанците не побарала такво нешто од Владата, од господинот Талат Џафери како технички премиер на оваа влада. Органите на АА стојат зад министрите Алиу и Меџити и Централното собрание и Претседателството. Тоа се докажа и сношти каде што од 29 члена на Претседателството 17 беа физички присутни“,
рече тој.
Пратеникот на Алијанса изјави дека вчера донеле одлука за поддршка на повикот на лидерот на партијата Арбен Таравари на следните избори да коалицираат со опозициските партиите на Албанците.
Одлуката, како што кажа тој, нема врска со нивното партнерство во оваа влада. Тој рече дека преку вицепремиерот од редовите на ДУИ во Владата, Артан Груби, се прави обид за пуч во Алијанса за Албанците. Доколку се случи, како што кажа, такво нешто, тоа значи дека СДСМ самоволно се откажува од соработката со Алијанса за Албанците и партијата повеќе нема никаква обврска кон договорите со СДСМ и со Владата.
„Значи, тие сами решаваат да нè избркаат од Владата, нешто слично како што се случи во 2017 година. Интересен факт е дека ова се случува под диригентска палка на Артан Груби и по сè изгледа тие луѓе, нашите сопартијци што не се согласуваат со повикот на нашиот претседател на следните избори да одиме заедно со опозицијата. Значи, преку Артан Груби сакаат да направат пуч во партијата и очигледно имаат избрано еден вршител на должност на претседател на таа група кој е Артан Груби. Видовте, ние го споделивме со медиумите дописот на Артан Групи со директорите, вчера мислам дека ТВ 21 објави, дека им наредува да не примаат никаква наредба од министерот Меџити сè додека не се избере новиот наш министер. Значи, кој е тој наш министер што се избира? Дали ДУИ ќе има двајца други министри. Тоа не е барање на АА и уверувам дека ако СДСМ самоволно како во 2017 година се откаже од соработката со АА ние нема да имаме никаква обврска кон договорените работи со СДСМ“,
рече Снопче.
Според пратеникот на Алијанса, кадровската комисија нема ингеренции да предлага до Владата разрешување министри од оваа партија и избор на нови на нивно место.
„Кадровска комисија не може да предлага до Влада. Која е кадровската комисија? Ингеренциите на таа комисија се само да може да предложи до Претседателството на Алијансата за именување и разрешување на кадри“,
рече пратеникот.
Тој додаде дека ниту Таравари ниту, како што рече, членовите на Централното собрание кои вчера застанале зад партискиот претседател утре нема да присуствуваат на Централното собрание на партијата закажано од Зијадин Села, кој е претседател на ова тело на партијата.
Прашан дали кога вели дека ДУИ ќе има двајца свои министри тоа значи дека крилото на Села станува огранок на ДУИ, Сноче со одговор:
„Па реков, вршител на должност на тој огранок по сè изгледа е Артан Груби“

Снопче, исто така, рече дека не знаат од кого се предложени новите кандидати за министри од Алијанса за Албанците.
„Алијанса за Албанците има органи, има претседател, има претседателство, кој ги предложил“,
рече Снопче.
На прашањето дали Алијанса може да се подели и дали доколку Таравари утре не се појави на состанокот на Централното претседателство може да следи негово разрешување, Сноче рече дека нема зошто претседателот на партијата утре да се појавува во состанокот бидејќи вчера на состанокот во Куманово се докажало дека ја има апсолутната поддршка.
„Значи, тие не почекаа еве хипотетички ние утре да одиме на тој состанок. Ние ќе одевме утре и со тие 86 делегати ќе покажевме дека стоиме зад Таравари. Тие бидејќи знаеја дека тоа е така, дека Таравари има апсолутна поддршка од Централното собрание, дека има апсолутна поддршка од Централното претседателство и тие затоа под диригентска палка на Артан Груби направија пуч за да не овозможат да одиме таму. Тоа е фарса. Значи, тука ќе држат една седница со партиски активисти, па јас им предлагам нека го повикаат вршителот на должност на таа група Артан Груби“,
рече Снопче.
Во врска со најавата на лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, кој е дел од владејачкото мнозинство дека нема да гласа за предложените министри од Села, пратеникот на АА Снопче кажа дека испратил порака до партнерите од СДСМ да бидат внимателни, а што кажал Тачи или некој друг не го интересира.