Најмалку 20 лица загинале, но тоа не е конечниот биланс на жртви
Индонезија и соседните земји често се погодени од земјотреси поради нивната местоположба на пацифичкиот Огнен прстен, појас на интензивна сеизмичка активност што се протега од Јапонија, преку Југоисточна Азија и понатаму низ Пацифичкиот басен

Спасувачите во саботата ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани, откако силен земјотрес го погоди подрачјето во близина на островот Флорес во источна Индонезија, при што загинаа најмалку 20 лица, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови.
Припадник на спасувачката служба изјави дека е потврдена смртта на најмалку 20 лица на четири различни места на островот, кој е популарен меѓу туристите.
„Според извештаите што ги добивме, загинаа 20 лица, шестмина се повредени, а две лица сè уште се затрупани”, изјави тој телефонски од бродот со кој патувал кон регионот Нагекео, најтешко погоденото подрачје.
Жителите на Нагекео, подрачјето најблиску до епицентарот, во саботата наутро побрзале кон повисоките места откако морето почнало да се повлекува, што е можен предзнак за цунами, јавија новинарите на АФП од местото на настанот.
Предупредувањето за цунами подоцна беше укинато, но на луѓето им беше кажано да не се враќаат во оштетените објекти поради страв дека последователните потреси би можеле да предизвикаат нивно уривање.
Веќе се почувствувани десетици последователни потреси, а најсилниот бил со магнитуда од 6,1 степени.
Сведоштва на жителите
Јоханес Бабо (56), жител на Нагекео, изјави дека бил на пазар кога во раните утрински часови почнал земјотресот.
– Почна силно да се тресе. За среќа, веќе бевме надвор од куќата – изјави тој за АФП.
– Луѓето беа во паника, трчаа на сите страни. Засега се евакуираме… и се обидуваме да стигнеме до ридовите – рече тој, додавајќи: „Моето семејство е безбедно. Никој не е повреден“.
Епицентарот на земјотресот бил непосредно до северниот брег на островот, 68 километри северозападно од крајбрежниот град Енде, соопштија американските и индонезиските власти.
Лукас Лотар, жител на Маумере, околу 2.500 километри источно од Џакарта, опиша како земјата одеднаш почнала да се тресе и како го фатила паника.
– И пациентите избегаа од болницата, земјотресот беше силен. Видов дека некои ѕидови се напукнати – изјави за АФП Лотар, кој работи во службата за корисници во болницата.
Во погоденото подрачје главно има градови и села во кои има малку високи згради или воопшто ги нема.
Следење на нивото на морето
Индонезиската Агенција за метеорологија, климатологија и геофизика (BMKG) првично предупреди на можност од појава на бранови цунами по земјотресот и ги повика жителите да се засолнат на повисоки места.
Можеа да се видат долги колони луѓе како пеш, со мотоцикли и автомобили ги напуштаат градовите, а некои се натискале и во товарните делови на пикап-возила.
– Го укинавме предупредувањето за цунами, но ќе продолжиме да го следиме нивото на морето – изјави Виџајанто, директор на BMKG за земјотреси и цунами, кој, како и многу Индонезијци, користи само едно име.
Индонезија и соседните земји често се погодени од земјотреси поради нивната местоположба на пацифичкиот Огнен прстен, појас на интензивна сеизмичка активност што се протега од Јапонија, преку Југоисточна Азија и понатаму низ Пацифичкиот басен.
Флорес во 1992 година беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,7 степени, кој предизвика цунами во кое загинаа околу 2 500 луѓе.
Меѓу најсмртоносните земјотреси во историјата на Индонезија беше разорниот земјотрес со магнитуда од 9,1 степени, кој во 2004 година го погоди подрачјето крај брегот на Суматра и предизвика цунами во кое низ целиот регион загинаа 220 000 луѓе, од кои околу 170 000 во Индонезија.
Катастрофата, ден по Божиќ, беше една од најсмртоносните природни катастрофи во историјата.
Во 2018 година силен земјотрес го погоди островот Ломбок, а во текот на следните неколку недели следуваа уште неколку потреси. На тој туристички остров и на соседниот Сумбава загинаа повеќе од 550 луѓе.
Подоцна истата година, во земјотрес со магнитуда од 7,5 степени и последователното цунами во Палу, на островот Сулавеси, загинаа или исчезнаа повеќе од 4 300 луѓе.
