Ексгенералниот секретар на Владата се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања, а покрај него обвинети се уште шест лица
Со изведување на докази од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Софтвери” во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
На денешната расправа, како што јави МИА, беа изведени докази од страна на Обвинителството кои се однесуваат на пораки помеѓу обвинетите во овој случај, кои се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување при јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување казни.
Судењето за случајот продолжува на 27 април.
- Судење „Софтвери“: Во вибер-комуникацијата Рашковски бил „Перо 078“, обвинителката чита пораки за тендерите
- „Гледајте да утнете и да се убијам“, им пишал Рашковски на обвинетите пред аукцијата за софтверот
Ексгенералниот секретар на Владата се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања, а покрај него обвинети се уште шест лица.
Обвинението во случајот „Софтвери“ опфаќа набавки на два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, кои според Обвинителството никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети се уште шест лица: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
- Ирена Каревска од „360 степени“ ја освои наградата „Никола Младенов“ за случајот „Рашковски“
- (ВИДЕО) Наградата „Никола Младенов“ за Ирена Каревска од 360°: „Професионално, темелно и етички доследно истражување“
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021 година.