Основното јавно обвинителство сè уште не отворило истрага за лицата за кои новинарот Бранко Героски во колумни под псевдоними пишуваше дека изнудувале рекет. Но, тоа не значи дека не се водат предистражни дејства. Во одговорот од ОЈО со внимателно избран правен речник се вели дека истрага е друга фаза од постапката.
„Јавното обвинителство од самиот почеток ги следи сите информации и ќе постапува доколку бидат утврдени елементи на кривично дело. Истрага е друга фаза од постапката. Се уште не е донесена наредба за спроведување на истражна постапка.“
Инаку, текстовите на новинарот Бранко Героски („Плусинфо“) за сопственик на телевизија, кого авторот го нарекува со псевдонимот Коки, кој изнудува пари од бизнисмени, беа повод за пратеничко прашање од Антонијо Милошоски до премиерот Зоран Заев.
„Дали сте запознаени дека тој изнудил 200.000 евра од поранешен градоначалник на скопска општина, кој е и бизнисмен“, праша Милошоски на денешната собраниска седница.
„Да, до мене допре глас, Скопје зборува, зборува и внатрешноста. Прашав, проверив кај инстиутуциите што се под владата и ми рекоа дека се води истрага. Истрагата ќе ги каже резултатите. Дај боже да има докази и да се расветли, а јас стојам на располагање да помогнам и да дадам прилог во борбата против корупцијата“, рече Заев.
Пратеникот Милошоски дополнително го праша премиерот дали знае за кого станува збор кога се користи псевдонимот Кики. Дека се зборува оти е висок партиски функционер на СДСМ, кој заедно со Коки, бил кај градоначалничка на СДСМ и барале бесплатна локација за градба. И дали Заев ги познава лично.
„Немам намера однапред да лустрирам луѓе. Нормално дека сум се јавил на градоначалничката. Има дејствие кое се случило пред една година, одбиено им е барањето оти не постои таква локација, не дошло до реализација на такво дело. Барале попуст за комуналии, се барало локација за старечки дом и за пренамена што градоначалничката на Битола нема намера да прави. Тоа е во надлежноста на советот. Има истрага, таа нека утврди, ако има докази нека одговара кој и да е“, одговори Заев.
