И на официјалниот фејсбук-профил на словачкиот премиер е потврдена информацијата дека тој се наоѓа во животозагрозувачка состојба и дека со хеликоптер ќе биде пренесен во градот Банска Бистрица, зашто, поради неговата состојба, не може веднаш да биде пренесен во Братислава
Словачкиот премиер Робер Фицо се наоѓа во животозагрожувачка состојба, откако денеска беше застрелан во Хандлова, каде што се одржувала седница на владата, а тој излегол пред Домот на културата да се поздрави со граѓаните. Ова го потврдила и прес-службата на владата на Словачка, од каде што посочиле и дека тој ќе биде транспортиран со хеликоптер во градот Банска Бистрица, зашто, поради неговата состојба, не може да биде пренесен во Братислава.
Осомничениот кој пукал во премиерот, како што јавува Би-би-си, веднаш бил уапсен на местото на настанот.
Од обезбедувањето на премиерот веднаш го сместиле во автомобил, а потоа бил пренесен во болница. Според информациите, премиерот бил застрелан со неколку истрели во градите и во стомакот.
И на официјалниот фејсбук-профил на словачкиот премиер е потврдена информацијата дека тој се наоѓа во животозагрозувачка состојба и дека со хеликоптер ќе биде пренесен во градот Банска Бистрица.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како обезбедувањето го внесува ранетиот Фицо во автомобил.
Министерството за внатрешни работи на Словачка соопшти дека се работи за атентат.
Како што пренесуваат словачките медиуми, очевидците што присуствувале на настанот рекле дека напаѓачот пред да пука го повикал премиерот со зборовите: „Дојди ваму“.
Инаку, словачкиот премиер е ранет во градот Хандлова, кој се наоѓа на околу 150 километри од Братислава.
Европските претставници го осудија денешниот атентат на словачкиот премиер Роберт Фицо и посочија дека се шокирани од ваквиот напад.
Претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, најостро го осуди, како што рече, денешниот брутален и непромислен напад врз словачкиот премиер.